Главен и најголем извор на загадување на национално ниво отсекогаш е производството на енергија од фосилни горива, а веднаш по него се големите индустриски капацитети. На пример, повеќе од 95% од емисиите на сулфур диоксид се емитувани од ТЕЦ Битола, ТЕЦ Осломеј а сега и од ТЕЦ Неготино, а тие се разнесуваат низ целата земја.
Локално, може да има случаи каде што загадувањето е доминантно од помали индустрии, домаќинства или транспорт.
– Во однос на здравствените последици, имаме анализа според која само термоелектраните предизвикуваат здравствени трошоци од над 20 милиони евра, што вклучуваат средства што се одлеваат од Фондот за здравство, изгубена продуктивност поради боледувања итн. Со ваквото огромно влијание, ние само преку загуби во буџетот и БДП ги имаме преплатено филтрите за електраните многу пати – вели Елена Николовска, програмски координатор во Еко-свест – Центар за истражување и информирање за животната средина во интервју за МКД.мк.
За здравјето е особено „интересен“ и транспортот затоа што влијанијата се случуваат директно во регионот на секојдневно движење на луѓето и тоа најмногу во ниската зона каде што дишат децата, дополнува таа, истакнувајќи дека бројот на автомобили секоја година се зголемува, а се зголемува и нивната просечна старост која што е веќе околу 20 години. Единствено решение е енергетската транзиција како итно системско решение од страна на надлежните институции.
– Ќе бидеме упорни и ќе настојуваме Владата и надлежните институции да започнат со долгоочекуваната енергетска транзиција преку инвестиции во одржливо користење на обновливите извори. Мора да учиме од грешките и да сфатиме дека е потребна итна енергетска транзиција сега. Тоа дополнително го наметнува прашањето и што со следната година и следната зима. Дали повторно ќе чекаме да почне грејната сезона за да разговараме за мерки како да го намалиме загадувањето и како да се заштитат граѓаните. Енергетската транзиција значи измена на законите и инвестирање во домашно производство на електрична енергија, отворање на работни места, транзиција кон зелена и одржлива економија, искористување на природните ресурси што ги имаме како држава, односно сонцето и ветерот и субвенционирање на домаќинствата кон овој модел. Како држава располагаме со експерти, меѓу кои и млади капацитети што ја знаат оваа проблематика, само треба некој да ги започне промените – потенцира Николовска.
Таа дополнително појаснува дека со цел исполнување на овие клучни промени ќе бараат зачестени средби како со Министерството за животна средина и просторно планирање, така и со Владата, Министерството за економија, Собранието, локалните самоуправи и засегнатите институции за итните и забрзани мерки кон долгоочекуваната енергетска транзиција.
– Владата игра голема улога во доделување субвенции за граѓаните и енергетска транзиција на домаќинствата. Од друга страна, пак, неопходна е едукација на населението за тоа што е зелена (енергетска) транзиција, видовите на извори на енергија и нивно економично искористување, начинот на којшто ќе може да ги искористат субвенциите од државата и придобивките за граѓаните и буџетот на едно домаќинство или заедница на станари – вели Николовска од Еко-свест.