Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир вели дека сите земји кои сакаат да се придружат на ЕУ, треба да ги применуваат стандардите за човекови права. Тоа се очекувањата, нагласува тој, и како тоа се одвива во една земја кандидат го следи Советот на Европа.
Гир во интервју за телевизија Телма додава дека и покрај тоа што во јавноста има многу различни мислења за отворањето на Уставот со цел да се направат потребните измени, односно да се внесат Бугарите во него, всушност треба сите да размислат што би значела таа измена во пракса.
– Промената на Уставот како прво е суверено одлука која треба да ја донесе оваа земја. Важно да се повлечеме еден миг и да се запрашаме што е всушност оваа уставна измена или што значи во пракса. Во реалноста, тоа значи да се вклучи во Уставот, референца на поединците, граѓани на државата, кои се идентификуваат како Бугари. Тоа е суштината. Нема промена на суштинската природа на Уставот. Не се допира во идентитетот на земјата или нејзините суштински интереси. Да направиме споредба на пример со некои други земји. На пример, Хрватска, која во својот Устав вклучува повеќе од 20 заедници, вклучувајќи ги и Бугарите, Албанците и Македонците. Тоа не ја промени суштинската природа на Уставот или пак имаше последици на интересите на државата. Најважно да се спроведе дебата, која ќе земе предвид за што точно се работи. И да се обидеме да се тргнеме на страна од некаква повисока реторика која не ни помага да видиме за што станува збор – вели Гир.
Тој додава дека подготвени се да разговараат со сите за да објаснат како ЕУ гледа на тоа, но на крајот од денот, одлуката треба да ја донесе земјава.