Куќата во која е сместен Бугарскиот културен центар во битолскиот Еврејски кварт некогаш припаѓала на еврејско семејство кое било депортирано за време на нацистичката ера.
Оваа информација ја открива германската новинарка Брита Хилперт во репортажа објавена на германскиот национален телевизиски сервис ZDF.
Новинарката Хилперт во репортажата го прашува директорот на бугарскиот центар Љупчо Горгиевски: Зарем не е бесчувствително Културниот центар да му се посвети на Иван Михаилов, кој соработувал со нацистите?
Но тој не смета дека тоа е проблем затоа што тој и Бугарите во Македонија имаат своја историја.
– Соработката не е докажана (признаените историчари поинаку гледаат з.а.), поважна е неговата улога во историјата на Бугарите во Македонија. Историските книги треба да се променат – вели Горгиевски во репортажата за германскиот медиум.
Иван Михајлов бил докажан соработник на Хитлер, Мусолини и на Анте Павелиќ, кои заедно убиле над 6 милиони Евреи. Бугарските фашистички власти во Втората светска војна депортирале над 99 отсто од македонските Евреи кои никогаш не се вратиле од логорот на смртта Треблинка.