Последиците од војната во Украина се различни кај различни компании. Посебно кај глобалните интернационални компании, кои сега се доведени во ситуација кога треба да бараат нови пазари каде што може да го префрлат своето производство. Од голем интерес за овој подвиг се и државите од Западен Балкан, изјави Патрик Мартенс, директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава.
Тој најави дека во Германија од 1 јануари следната година се воведува нов закон кој се однесува на глобалните синџири на добавувачи, а кој ќе биде засилен и со новиот закон за ЕУ.
– Компаниите коишто се од текстилна индустрија тука можат да добијат одлична шанса. Се планира префрлување на производствово од Југоисточна Азија поблиску во Европа, така што компаниите коишто работат во оваа бранша во Северна Македонија може да добијат многу нови налози и многу нови бизниси – вели Мартенс.
Тој посочи на Вебхелп и Мажорел две нови компании, две нови инвестиции во државава коишто се од областа на услужната дејност и корисничкото искуство – кол-центри и кои се, вели, големи интернационални работодавачи. Тие работат со клиенти на пазарите во Европа и во Америка, и смета дека ќе обезбедат и ќе отворат голем број работни места и тоа добро платени работни места за граѓани со високо образование кои имаат познавање на јазици, така што, додава, гледаме дека некои работи се движат напред.
Мартенс повтори дека со воведување на Законот за заштита на синџирите на добавувачи од следната година, се раѓа шанса за македонската економија бидејќи македонското законодавство содејствува во поголемиот дел во рамките со европското законодавство, така што, смета дека тоа ќе придонесе многу за поголем број на компании во државата и многу повеќе работа за постоечките.
– Поединечни компании од автомобилската индустрија во земјава минатиот месец имаа за 20 отсто пад на извозот. До овој пад е дојдено бидејќи беше донесена одлука во Германија одредени модели на автомобили за одреден временски период да не се произведуваат, така што овие компании произведуваат компоненти токму за тие модели, меѓутоа, тоа, повторно нагласувам дека е случај само кај неколку компании – рече тој.