Гасниот интерконектор со Грција кој треба да биде готов во првата половина на 2025 година е во фаза на избор на компанија која ќе го гради. Понудите за тендерот за избор на фирма која треба да го гради требаше да бидат завршени во февруари, но постапката е во период на евалуација која се очекува да заврши за два до три месеци.
На тендерот кој беше распишан во ноември, се јавија 5 компании од кои 4 странски конзорциуми и една домашна компанија.
Од „Номагас“ информираат дека се работи на евалуација на понудите и ако сѐ биде во ред, работите на гасоводот ќе почнат многу брзо.
– Извештајот од евалуацијата е во Европската инвестициона банка, преку која е распишан тендерот. Кога ќе биде завршена постапката не зависи од нас, но очекуваме за два до три месеци, ако сѐ биде добро да почнат работите. Сепак, не би сакале да даваме повеќе детали во врска со овој дел од процесот на избор на компанија изведувач на работите – вели Бајрам Реџепи, извршен директор на државната „Номагас“.
Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека работите на изградбата на гасоводот ќе почнат на крајот на март со рок за завршување од 18 месеци.
И додека „Номагас“ ги евалуира понудите и чека конечен одговор од Европската инвестициска банка, државата ја комплетира финансиската конструкција за проектот. Вчера пратениците одобрија државна гаранција за кредитот од 98,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) кој покрај за гасниот интерконектор со Грција во должина од 66 километри се однесува и за делниците Гостивар – Кичево (34 км) и делница Свети Николе – Велес (28 км).
За реализација на проектот се обезбедени 28,9 милиони евра заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан – БВИФ во износ од 12,7 милиони евра и од ЕБОР 98,6 милиони евра.
Само делот од гасоводот од Гевгелија до Неготино кој ќе го гради земјава ќе чини 83,6 милиони евра.
Гасоводот кој треба да ги поврзува Неготино и Неа Месимвриа во Грција е долг 123 километри, а почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно. Гасоводот покрај транспорт на гас треба да има можност и за транспорт на водород.
Атина и Скопје потпишаа договор во септември 2021 година во Солун, во присуство на американскиот амбасадор, што ја нагласува геополитичката важност на проектот, но 4 години подоцна сѐ уште не е почната неговата изградба во земјава.
На овој гасовод се надеваат и Србија и Косово кои исто така најавија конекција со македонскиот гасовод кој ќе се снабдува со гас и водород преку Грција.
Изградбата на ова гасно поврзување до Грција на земјава треба да ѝ обезбеди посигурно снабдување со природен гас од Азербејџан, како и диверзификација на изворите од каде што досега го набавуваше гасот, односно руски „Газпром“. Единствената прекугранична гасоводна врска што ја има Македонија во моментов е со Бугарија.
Изградбата на гасоводот ги зголеми очекувањата на бизнисмените за пристап до нов поевтин енергенс што може да ја подобри нивната конкурентност. Бизнисмените подолг период укажуваат дека на стопанството му е потребен поевтин енергенс, со кој производството ќе стане поконкурентно.