Претседателот на собранието Африм Гаши упати честитка по повод Денот на народното востание 11 Октомври од свое име и од име на пратениците. Тој во честитката повика на обединување на сите граѓани во битката за подобро утре на сите.
„На овој ден се потсетуваме и ја славиме херојската и беспоштедната борба на борците за слободa на нашата држава. Без оглед на влогот, пречките и потешкотиите на кои наидуваа во нивната борба, тие опстоија и се изборија за слободата во која живееме денес.
Денес, Република Северна Македонија, повторно е на вистинскиот пат. Таа е дел од НАТО и рамо до рамо со најмоќните сојузници.
На нас како нова генерација политичари е да ја продолжиме праведната борба – денес се бориме за подобри стандарди, за просперитет, за европска иднина на Република Северна Македонија. Во денешната борба може да успееме само ако сме сплотени, здружени и единствени.
Честитајќи ви го 11 Октомври, повторно повикувам на обединување на сите граѓани Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и сите други, да се обединиме и да ја добиеме битката за подобро утре за сите нас“, се вели во честитката.