More

    Гаши ја напушти седницата, дебатата ќе ја следи од друго место

    spot_img

    „Не се работи за интерпелација на Африм Гаши, туку на профилот на поинаков лик на функционер. Ова не е интерпелација кон Африм Гаши, туку е интерпелација кон етничката и верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку е интерпелација во однос на добрососедските односи и заложба за повлекување на признавањето на Република Косово. Ова не е интерпелација кон наводната повреда на законот на јазиците, туку е интерпелација што изразува фрустрација и фобија кон албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон знамето на ЕУ и НАТО, туку е интерпелација кон нашата стратешка ориентација“.

    Ова денеска од собраниската говорница го изјави собранискиот спикер Африм Гаши по повод поднесената интерпелација против него.

    – За мене сепак е најважно во животот да имаме бел образ и чиста душа. Ако тоа го немаме, попусто ни е да имаме сета слава на светот, а камо ли некоја политичка фама која се бара во ова Собрание преку оваа интерпелација. Драги пратеници, интерпелацијата е пред вас. Ваше е да дискутирате и да одлучите. Јас ве повикувам тоа да го направите исклучително по свое убедување. Ве молам одлучете со вашата свест и совест и бидете убедени дека јас ќе ја почитувам вашата одлука, каква и да е таа. Јас нема да дебатирам и реплицирам на никого. За подобро одвивање на оваа седница, јас ќе се повлечам од салата, затоа што со моето присуство или водење на седницата не сакам да влијаам на нејзиниот тек, секако ќе ја следам седницата, секој говор и секоја реплика со голема внимателност. Би сакал без никаков притисок да дискутирате и да одлучите како што мислите дека е најдобро за државата и за сите граѓани – рече Гаши и ја напушти собраниската сала.

    Во продолжение ви го пренесуваме неговиот говор во целост:

    „Секој носител на државна функција треба да биде навикнат да одговара за своите постапки, но секој од нас треба исто така да има биде подготвен и да слуша, да разговара, да искажува ставови. Но, демократијата е токму тоа, можност да се ислушаат спротивставените мислења.

    Затоа како претседател на Собранието им се заблагодарувам на пратениците кои ја оваа поднесоа оваа интерпелација, а која се однесува на мојата работа за три месеци. Само на ваков начин ќе може да се разјаснат сите нејасностии и загрижености ако има такви, бидејќи граѓаните на Северна Македонија заслужуваат да имаат точен и транспарент одговор во секое време.

    Затоа и решив да не се изјаснам писмено во однос на интерпелацијата, туку да се обратам директно, овде, во оваа сала, пред пратениците, пред очите на јавноста. Парламентот е место каде треба да се даде отчет, а граѓаните се тие кои го даваат последниот суд. Сакам отворено и искрено да зборувам за сите прашања бидејќи сум човек што не крие ништо и не се крие од никого, туку сака отворен пристап за сите прашањата.

    Притоа, сакам јавно да го поставам прашањето: Зошто оваа интерпелација? Кому служи тоа? За каква цел?.

    Јас сум сигурен дека одговорите на овие прашања ја даваат суштината на оваа интерпелација, односно мотивите на оние кои стојат зад неа – идеологијата, политичката рамка и нивната визија за нашата заедничка иднина.

    Левица е партија која што – идеолошки – со својот социјален аспект, треба да обединува, да го храни народот со идејата за еднаквост. Така е теоретски, но за жал, во реалноста таа е партија која многу често се профилира екстремно десно со своите ставови. Да не зборуваме дека токму вакви идеолошки движења во минатото носеа мрачни слики и сеќавања за цел свет. Идеологија во теорија и сосема друга во пракса е нешто што не ги покажува вистинските мотиви на претставниците на оваа партија. Да се биде гласен, да се биде видлив, е сосема легитимно, но да се креира поделби во земја каде сите се бориме за еднаквост е лошо за државата, за младината која не треба да се воодушевува на лажен патриотизам завиен во квазинационализам.

    Сите ние зборуваме гласно за ЕУ, граѓаните зборуваат за соживот, сите велиме дека сме овде заедно во добро и лошо, а единствено оваа партија зборува спротивно на трите фундаментални столбови на нашето општество – нашата евроатлантска ориентација, нашата посветеност на добрососедските односи и нашата посветеност на меѓуетничка хармонија. Многу е лошо кога се игра на картата на национализам, на осудување, а притоа не се слушаат сите факти и аргументи. Но, еве денеска сум овде од оваа говорница да дадам мој став.

    Влогот за иднината на оваа држава, каде некој сака поделби по секоја цена, е погубен за сите нас и поради тоа влогот е едноставно превисок за да се игнорира. Не е потребно длабоко разбирање на политиката за да се види дека оние кои се противат на нашиот евроатлантски пат, кои ги нарушуваат нашите односи со соседните земји и кои ја загрозуваат нашата внатрешна етничка кохезија, на крајот работат против самото постоење на нашата земја.

    Ако сте го читале внимателно текстот на интерпелацијата, тој е полн со албанофобија, тој е преполн со  исламофобија, преполн со неосновани обвиненија кои одат во прилог на нивното барање кон сегашниот премиер, г. Мицковски, не ставете Албанец претседател на Собрание и Левица ќе ве поддржи. Ова наликува не само на албанофобија, туку и повеќе од тоа. Кој го има тој легитимитет во нашата држава да суди дека еден припадник на една етничка заедница смее или не смее да биде претседател на Собрание само поради неговата етничка припадност? Од каде проникнува таа омраза кон Албанците за да се помогне и на политичкиот противник само Албанец да не биде на таква позиција.

    Почитувани колеги пратеници и драги граѓани, сите ние во оваа земја треба да престанеме да се бориме заради нашите различности, туку напротив, на нив треба да гледаме како големо богатство при што ќе изградиме подобра иднина за нашите деца. И додека ние овде се расправаме која етничка заедница е подобра, што е сосема ступидна расправа, нашите деца заминуваат од оваа држава.

    Иако интерпелацијата навидум изгледа поткрепена со правни аргументи, таа е чисто политички мотивирана и не бев сигурен дали треба да се даваат правни противаргументи. Подносителите, кои преку таа сакаат да профитираат ситни политички поени, можеби и не го заслужуваат тоа, но сепак сакам на граѓаните да им бие целосно јасно дека тие аргументи воопшто не се издржани. Но, да одиме по ред.

    Во интерпелацијата на Левица како прва причина се наведува повреда на секуларноста на државата. Основа на ваквата забелешка го имаат настанот кој беше организиран на 12 јули 2024 година во салата Борис Трајковски во Собранието за Одбележување на 11 Јули – Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Тој настан беше организиран од невладина организација, каде беа поканети здруженија на Бошњаците во нашата земја, како и пратеници, од кои дел и присуствуваа на настанот. Повторувам настан на невладина организација со едно минутно молчење да се оддаде почит на жртвите од Сребреница. И тоа да ти било повреда на секуларизмот. За жал, мора да констатирам дека подносителите на интерпелацијата демонстрираат непознавње на поимот секуларизам така што ги мешаат тенденциозно или заради незнаење.

    Драги пратеници, за мене како човек, беше чест што нашата држава и нашето Собрание се приклучи на цивилизираниот свет во одбележување на тој геноцид. Но, наместо фокусот да биде свртен кон осуда на геноцидот како грозоморен чин што треба секојдневно да нѐ потсетува на кревкоста, но и на непроценливата вредност на мирот, на владеењето на правото, на соживотот, на демократијата и на почитувањето на човековите права, нешто за кои треба сите да се залагаме, фокусот беше свртен кон едноминутното молчење.

    На тој настан немаше никаков врски обред, немаше свештеници, немаше никаква јавно искажана молитва, ама имаше осуда на вршителите на тој геноцид. Ех, ако тоа ви пречи, тогаш тоа е ваш проблем.

    Сепак, вие заборавате дека во членот 19 со Амандманот VII на Уставот ‘Се гарантира слободата на вероисповедта. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата’. А кој може да биде над уставот заради своите национал-социјалистички убедувања?

    Во врска со втората причина за поднесување на Интерпелацијата ‘Повреда на дипломатските правила за обезбедување на ВИП личности’ како одговор можам да го дадам истото она што го изјавив веднаш по случувањата на Аеродромот во Скопје. И тогаш изјавив дека моето обезбедување отиде да ја смири ситуацијата на аеродромот меѓу обезбедувањето на претседателката на Косово и аеродромската полиција за да не дојде до инцидент.. Мојата заложба и денеска и вчера и секогаш била и ќе биде да смирувам, да зближувам и да работам за сите граѓани, а не да се делиме, да се напаѓаме и да создаваме инциденти. Доста ни е на сите од инциденти, од покажување сила, од покажување ароганција. Ароганцијата е знак на слабост.

    Сепак сите вие треба да знаете дека, како Претседател на Собранието, мојата улога вклучува споделување информации за моите движења со мојот безбедносен тим, како дел од моите права и обврски. Тимот за безбедност што ми е доделен е одговорен за мојата безбедност. Ова често вклучува спроведување безбедносни проверки и проценки на локациите што ги посетувам или планирам да ги посетам. Затоа кај одам јас, првенствено треба да се движи претходницата, така тоа е предвидено со закон и на тоа е обврзан и Претседателот на Собранието.

    Како и да е, јас сум задоволен што сум реагирал на човечки начин. Да не реагиравме, можно ќе беше да имаме многу поголем инцидент. Само во тој случај јавноста и сите имплицирани страни би ја разбрале нашата реакција.

    Мојот приоритет беше и ќе продолжи да биде дека овој инцидент нема да придонесе за влошување на односите меѓу нашата земја со Косово, како што посакувам да немаме никаков друг случај што би ги ставил под прашалник добрите односи со која било друга соседна и пријателска земја.

    Левица, за жал, не може да се помири со фактот дека Северна Македонија ја признала независноста на Република Косово и има солидни добрососедски односи, таа е единствената партија која јавно се залага за повлекување на признавањето на Косово.

    Драги господа, јас нема да дозволам албанофобијата и фрустрациите кон Косово да ги решавате преку оцрнување на институцијата Претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

    Во однос на третата причина ‘Повреда на употребата на македонскиот јазик’, каде се наведува дека „тенденциозно го истиснувам од употреба македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, сакам да истакнам дека моето работење е согласно Уставот, законите и деловникот на Собранието на Република Северна Македонија. Ако не сте тенденциозни и во оваа точка, ви предлагам да го прочитате Амандман V на Уставот, како и член 3 ставови 1, 2, 3 и 4 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, каде е точно утврдено темата на јазикот. Тоа е правната рамка која ја почитувам во моето работење. Кога  претседавам со седниците на Собранието го употребувам и македонскиот јазик и албанскиот јазик, поради што во никој случај не може да стане збор дека тенденциозно во Собранието го истиснувам од употреба македонскиот јазик.

    Јас не само што го почитувам македонскиот јазик, туку без никакви фрустрации, јас гордо ги употребувам двата јазика. А ако на вас ви пречи албанскиот јазик, жалам но, јас ќе го почитувам Уставот, законот и деловникот и ќе зборувам и на албански јазик и на македонски јазик.

    Следна ваша причина за интерпелација е истакнувањето на знамето на Република Северна Македонија заедно со знамето на НАТО  и со знамето на ЕУ во салата ‘Македонија’ во која се одржуваат седниците на Собранието. Првенствено, тие знамиња таму не сум ги поставил јас, тоа го знае целата јавност. Но, како и да, тоа воопшто не е спротивно на Уставот, ниту со Законот за употреба на грбот, знамето и химната. Република Северна Македонија е полноправна членка на НАТО, а познати се напорите за полноправно членство во Европската Унија. Сепак, и тука морам да нагласам, дека вашата анти-НАТО заложба е многу позагрижувачка. Сигурно и вие знаете дека апсолутното мнозинство во нашата земја е за членство во НАТО и ние сите знаеме дека ваквото членство го гарантира мирот во регионот и во нашата земја. А ако вие сте против тоа и се залагате за други агенди, тоа е веќе алармантна состојба.

    Во однос на забелешката за непочитување на деловникот околу верификација на мандатите, без да должам, би рекол дека на Конститутивната седница на Собранието одржана на 28 мај 2024 година беа верификувани мандатите на новоизбраните пратеници на единаесеттиот состав на Собранието, а Собранието констатира дека: ‘на претседателот на Владата и на одреден дел на членовите на Владата со верификацијата на мандатот за пратеник, согласно член 8 став 1 од Изборниот законик им престануваат функциите во Владата. Заради обезбедување континуитет во работата на Владата, Владата ќе ги врши само најнеопходните функции до изборот на нова влада’.

    Всушност, конститутивната седница е подготвена од раководството на минатиот собраниски состав и е водена од претседавачката на новиот состав, како што е препишано со новиот деловник, а не од мене. Но, сепак, оваа констатација не се случува за првпат. Имено, записите за минатите собраниски состави укажуваат на слични ситуации, како во мандатниот период 1998-2002, во мандатниот период 2002-2006, во мандатниот период 2006-2008 и т.н.

    Во однос на забелешката за повреда на законските и етичките одредби за антинепотизам, морам да кажам дека на Парламентарното заседание на Алијансата во Вашингтон бев присутен по службена должност, а на тоа заседание беа поканети токму претседателите на Собранијата на земји членки на НАТО. И тука го нагласивме нашето сојузништво со НАТО и зачувувањето на мирот.

    Во однос на забелешката дека имало повреда на деловничките одредби за нормална работа на пратениците, морам да нагласам дека седниците на Собранието ги свикувам согласно членот 66 од Уставот и членот 74 од Деловникот на Собранието, при што  итноста за свикување на седницата врз основа на членот 74 став 2 од Деловникот е образложена на почетокот на седницата. Доколку се имаат предвид одредбите на членовите 175 и 176 од Деловникот, може јасно да констатира дека претседателот на Собранието нема влијание на скратените постапка.

    Тука има и некои забелешки околу паркингот на Собранието, кои секако не се достојни за оваа говорница. За да изгледа интерпелацијата пообемна можеби требаше да ставите и примедби за некои мали јами кога влегувате во дворот на Собранието. Ве молам, државата има служби и други институции кои се надлежни за просторно планирање, за уредување на паркинг, за сообраќај и т.н.“, рече Гаши.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img