More

    Функционерите може да добијат и К-15

    spot_img

    Ќе добијат ли функционерите покрај покачување на платата од 78% уште и регрес за годишен одмор за изминатите три години? Прашањето се поставува откако апелацискиот суд во Битола преиначи одлука на Oсновен суд по тужба на судија поврзана со правото за добивање регрес за годишен одмор.

    Имено, Апелацискиот суд Битола на 23 јануари, преиначил пресуда на првостепен суд и одлучил дека судија од Основен суд Битола треба да добие регрес за годишен одмор и тоа за 2020, 2021 и 2022 година, во износи од по 9.000 денари за секоја година, со законска казнена камата.

    Судот ја темели пресудата на гранскиот Колективен договор, каде што нема оградување за тоа кој не може да прима регрес за годишен одмор. Според судот, иако тужителот (судија) е избран функционер, тој е вработен, и му следува регрес за годишен одмор.

    Експерти велат дека кога се во прашање избраните лица, не е спорно тоа дека тие по закон се вработени, но тие исто така по закон се издвоени од другите вработени бидејќи имаат посебни привилегии од функцијата кои ги немаат другите вработени.

    Професорот Здравко Савевски вели дека функционерите се избрани лица, а не чисто вработени и треба да се прави разлика при толкувањето на законите. Тој смета дека државата конечно треба да реши дали функционерите ќе бидат посебна категорија со посебни привилегии или и тие ќе бидат вработени како сите други и ќе ги имаат привилегиите на вработените.

    – Законот сега ги издвојува избраните лица како посебна категорија и за нив има посебни привилегии кои ги немаат другите вработени. Ако сакаат да земат една од привилегиите на вработените како што е К-15, тогаш избраните функционери ќе треба да се откажат од сите привилегии кои ги добиваат со функцијата. Нив ги има многу. На пример, да споредиме кога на функционер му престанува изборната функција тој зема апанажа до вработување која може да трае долго, со висок износ. За престанок на работа поради технолошки вишок на работникот му се дава паричен надоместок до вработување што е далеку понизок од апанажата и е ограничен. Да не набројуваме и други привилегии кои ги имаат избраните лица. Според тоа, не личи функционерите да посегаат по одредени права што ги имаат останатите вработени, бидејќи ваквиот однос ќе ги револтира дополнително граѓаните, а на функционерите ќе им додаде нови привилегии – вели Савевски.

    Од синдикатот на УПОЗ повикувајќи се на заклучок на Комисијата за следење и измени и дополнувања на гранскиот Колективен договор во 2021 година, тврдат дека колективните договори се однесуваат само на работниците, но не и на избраните функционери и раководните лица.
    – Гранскиот Колективен договор се однесува само на вработените, а не на функционерите, но со оваа одлука на Апелацискиот суд Битола им се отвора патот на сите функционери, избрани или именувани да добијат регрес за годишен одмор. Очигледно не беа доволни 78%, па да се земе дур се може и тоа што треба и тоа што не треба – велат од УПОЗ.

    Од синдикатот велат дека оваа пресуда на апелацискиот суд во Битола ќе повлече право на сите 650 судии кои ги има во државава да добијат регрес за годишен одмор за изминатите 3 години и со тоа да го испразнат буџетот на Судскиот совет.

    – Судскиот буџетски совет на седница одржана на 26 февруари го усвоил барањето од основниот суд во Битола за исплата на пресуда на судот во Прилеп од 10.07.2023 година и пресуда на апелациски суд Битола од 23.01.2024 година, што само по себе значи дека сите судии, над 650 на број во државава, ќе треба да добијат регрес за годишен одмор во износ од 27.000 денари, и со тоа и да го испразнат буџетот на Судскиот буџетски совет. При носење на пресудата, Апелацискиот суд Битола посветил големо внимание во толкување на гранскиот Колективен договор, и заклучил дека иако тужителот (судија) е избран функционер, тој е вработен, истиот треба и мора да добие регрес за годишен одмор, и токму по одредбите на гранскиот колективен договор – велат од УПОЗ.

    Оттаму потсетуваат дека Комисијата за следење и измени и дополнувања на гранскиот Колективен договор во 2021 година донела заклучок кој се однесува на ова прашање.

    „Функционери, односно лица кои добиле мандат да извршуваат функција на парламентарни или локални избори и лицата кои добиле мандат да извршуваат функции во извршната или судската власт преку избор или именување од Собранието или од органите од локалната власт, како и други лица кои согласно со закон се избрани или именувани на функција од носителите на законодавната, извршната или судската власт не се сметаат за вработени“, се наведува во заклучокот.

    Од УПОЗ додаваат дека ваквото толкување на Апелацискиот суд Битола, значи дека сите функционери (премиер, министри, заменици министри, пратеници, градоначалници, директори, итн.) иако се функционери, ќе треба да добијат регрес за годишен одмор бидејќи како што велат оттаму по законските прописи, сите функционери се вработени во државните институции и таму им тече стаж.

    – За вработените кога се распишани избори не смеат да се исплаќаат додатоци и надоместоци на плата бидејќи истото се смета за корупција, за судиите очигледно не важат истите правила, впрочем сами си ги пишуваат – реагираат од УПОЗ.

    фото: МИА

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img