Европа мора да му одолее на притисокот да остане вазал на САД, рече францускиот претседател во заедничко интервју за Политико и Лес Екос за потоа еден куп луѓе од двете страни на Атлантикот веднаш да го искараат. Идејата на Макрон дека ЕУ треба да биде трет пол, независна од Вашингтон и од Пекинг не остана мирна во воздухот.
Германски пратеник од Бундестагот, Норберт Ротген, твитна дека Макрон „успеал да го претвори своето патување во Кина во ПР-државен удар за Си и во надворешнополитичка катастрофа за Европа“ и дека Макрон „сè повеќе се изолира себеси во Европа“.
Американскиот републикански сенатор Марко Рубио напиша дека ако Европа „не одбере страна меѓу САД и Кина поради Тајван, тогаш можеби и ние не треба да избираме страни (за Украина)“.
Паскал Конфавр, портпарол на француската амбасада во Соединетите држави, рече дека коментарите на Макрон биле премногу толкувани и напиша дека „САД се наш сојузник со кој ги споделуваме нашите вредности“.
Елисејската палата одби да коментира.
Во меѓувреме, во нова статија на Стјуарт Алу за Политико анализира дека кинескиот претседател Си Џинпинг токму сака преку Макрон да ги оддалечи САД и старата дама. Макрон е привлечен со тоа што постојано се нуди да посредува, како што се среќаваше и разговараше со Владимир Путин за Украина.
Се потсетува и дека Си го прими Макрон во Големата сала на народот во Пекинг и дека меѓу другото 36 кинески и француски бизниси потпишаа договори. Макрон му рекол на Си дека Франција не избира страни ниту пак блоковска конфронтација.
Францускиот претседател Емануел Макрон предизвика возбуда велејќи дека Европа нема интерес да го забрза конфликтот во Тајван и дека треба да стане „трет пол“ независен и од Вашингтон и од Пекинг.
Политичките актери од двете страни на Атлантикот ја критикуваа позицијата на претседателот како премногу приспособлива кон Кина, исто како што таа спроведува воени вежби околу Тајван.
А, како гласеше оригиналната реченица на Макрон? Па, дека „најлошото нешто би било да мислиме дека ние Европејците мора да станеме следбеници на оваа тема и да се прилагодиме на американскиот ритам или на кинеската претерана реакција“, во врска со Тајван.
– Прашањето што Европејците треба да го одговорат е … дали е во наш интерес да ја забрзаме кризата во Тајван? Не – додаде Макрон во интервјуто.
Вкрстувањето или невкрстувањето на американските и европските интереси добро се гледа во економијата. Американскиот притисок издејствува Холанѓаните да стават нова контрола на извозот на продажбата на напредна полупроводничка опрема во Кина.
Исто така ЕУ го забрани ТикТок во јавната администрација. Тоа не го спречи американскиот претседател Џо Бајден да најави дека за претседателските избори идната година ќе ангажира тим од инфлуенсери на ТикТок за да му помогнат во кампањата против ривалите Трамп и Де Сантис.
Реакциите кон идејата на Макрон уште се во етерот.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска се изјасни против идејата Европската унија да развива стратешка автономија од САД, и наместо тоа се залагаше за градење уште посилно стратешко партнерство и предупреди дека некои западни лидери сè уште сонуваат за ризична соработка со сите, вклучувајќи ја и Русија и некои сили на Далечниот Исток.