Францускиот јазик повеќе не е официјален јазик во Мали, јавува Анадолија.
Мали го исфрли францускиот, кој беше официјален јазик на западноафриканската земја од 1960 година.
Според новиот Устав усвоен со мнозинство од 96,91 отсто од гласовите на референдумот на 18 јуни, францускиот повеќе не е официјален јазик.
Отсега францускиот ќе биде работен јазик, а 13-те национални јазици што се зборуваат во Мали ќе добијат статус на официјален јазик.
Во земјата се зборуваат околу 70 локални јазици, а некои од нив, вклучително и бамбара, бобо, догон и минијанка, добија статус на национални јазици со декрет од 1982 година.
Во саботата, лидерот на хунтата во Мали, полковник Асими Гоита, го стави на сила новиот Устав, со што се означи почетокот на Четвртата република во западноафриканската нација, објави Претседателството.
Откако ја презеде власта со државен удар во август 2020 година, војската на Мали тврди дека Уставот е клучен за обновата на земјата.