More

    Францускиот инвеститор ќе чека до пролет за да ја почне изградбата на најголемата фотоволтаица во земјава

    spot_img

    Најголемата фотоволтаика во земјава и на Балканот, инвестиција на француската компанија „Акуо енерџи“ (Akuo Energy), сè уште минува низ државните лавиринти за да може да почне да се реализира. Од компанијата се надеваат дека сите процедури поврзани со оваа стратешка инвестиција ќе завршат годинава и напролет следната година ќе почне да се гради соларниот парк. Проектот ќе се реализира етапно и се очекува да биде завршен за најмалку 2 години, а покрај струја ќе произведува и земјоделски производи кои ќе бидат наменети за извоз.

    Инвеститорот, на барање на владата изготвува студија за оправданост која треба да ја одобрат Владата и Собранието, а потоа ќе ги бара потребните дозволи за градба.

    – Очекуваме оваа студија да ја имаме многу брзо и на крајот на октомври или почетокот на ноември да биде на владина седница. Потоа за неа треба да се изјасни Собранието. До крајот на годината очекуваме процесот да се забрза и да ги добиеме соодветните дозволи за градба од Министерството за транспорт и врски и напролет да почнеме со реализација – велат застапниците на компанијата.

    Со оглед на големината на соларниот парк, предвидено е тој да се гради етапно.

    – Ќе бидеме задоволни ако проектот го реализираме за 2 години со оглед на површината којашто е планирана за тоа. Градбата ќе биде етапна и така ќе се пушта во работа – додаваат тие.

    Инвестицијата, според најавеното, требаше да почне да се гради лани и да биде завршена во 2024 година, но поради одолговлекување на процедурите дури сега може да се рече дека ќе се реализира. Прашавме во владата и во Министерството за екологија зошто се доцни, но не добивме одговор.

    Деновиве министерката за животна средина Каја Шукова која заедно со министерот за надворешна трговија на Франција, Оливје Бешт, беше на локацијата на која ќе се гради паркот, изјави дека се при крај формалностите околу инвестицијата, но не кажа кога ќе почне изградбата.

    – Владата го препозна овој голем проект, кој е во согласност со Законот за стратешки инвестиции. Останува само технички да се дозавршат одредени формалности и процедури и да се создадат услови за да може да се почне со реална имплементација на проектот – рече Шукова.

    Инвестицијата е најавена како агросоларна какви што се и најголемиот дел на соларните паркови што ги гради францускиот инвеститор. Се предвидува под панелите да бидат насадени земјоделски култури.

    – Планот е да се искористи обработливиот дел од земјиштето, бидејќи има и систем за наводнување за производство на агрокултури. Искуствата на компанијата во Франција се дека добро успеваат цвеќе и јагоди, но со оглед на тоа дека климатските услови се различни од Франција ние направивме договор со универзитетот во Штип да направи испитување кои култури најдобро би можеле да се засеат под панелите. Во план е 50 до 60% од површината да биде под земјоделски култури. Очекуваме од овие култури да добиеме неколкупати поголеми приноси од оние кои претходно ги постигнувале земјоделците на овие површини – велат застапниците.

    Инвеститорот во договор со земјоделците и општините каде што ќе се гради соларниот парк ја помести границата на проектот за 150 до 200 хектари за да ослободи обработлива земја, а за тоа доби мочурливо земјиште.

    – Во план е да се исуши мочуриштето за да можеме на него да ги поставиме фотоволтаиците. Пред тоа треба да ги исчистиме каналите за наводнување кои во одделни делови се затрупани до непрепознатливост за да може водата од површината под трски да се исчисти. За ова ќе бидат потребни дополнителни инвестиции од 2 до 3 милиони евра од  страна на компанијата – велат застапниците на компанијата.

    Според договорот за земјоделското производство кое ќе се произведува под соларниот парк и ќе биде наменето за извоз компанијата инвеститор нема да зема земјоделски субвенции.

    Земјоделски стручњаци од селата Три Чешми, Врсаково, Криви Дол и Мустафино, каде што ќе се простираат агрофотоволтаиците, велат дека на оваа почва и на ова поднебје најдобро виреат тикви, краставици, бостанот и индустриски домати и олеснителна околност е што во нивна близина се системите за наводнување.

    Договорот за стратешката инвестиција предвидува француската компанија да управува со производството 30 години, а струјата која ќе ја презема државата да ја плаќа по 55 евра за мегават со промени кои би биле потребни поради евроинфлацијата.

    – Земена е евроинфлацијата како можност за промена на цената во следните 30 години, бидејќи таа вообичаено е ниска па и промените на цената не би биле големи и на штета на државата или на компанијата. Да потсетиме дека ние сме најевтини во регионот со цена од 55 евра за мегаватчас. Еве на пример сега Србија направи договор за таква инвестиција, но цената која ќе ја плаќа државата за произведената струја е 88 евра по мегаватчас – појаснуваат од компанијата.

    Инвестицијата е целосно на француската компанија која е познат инвеститор на соларни паркови во повеќе земји. Инвестицијата е со вредност од 270 милиони евра. Агрофотоволтаиката ќе се гради на површина од 500 хектари од кои 270 хектари се во Општина Штип, а 130 ѝ припаѓаат на Општина Свети Николе. Централата треба да биде со капацитет од 360 до 400 мегавати.

    На просторот на кој сега е планирана изградбата на соларниот парк кој е во државна сопственост претходно беше планирано да се гради карго аеродром, но испитувањата за економска оправданост покажаа дека е неисплатлива инвестиција.

    „Акуо енерџи“ е компанија за обновлива енергија која развива, финансира, гради и управува со електрани од обновлива енергија. Компанијата има инвестиции во ОАЕ, Турција, Индонезија, Луксембург, САД, Уругвај, Хрватска, Полска, Бугарија, Австралија, Доминиканската Република и Монголија. Седиштето на „Акуо енерџи“ е во Париз, Франција.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img