Францускиот актер Жерар Депардје е обвинет за сексуален напад или вознемирување на 13 жени, според истрагата на францускиот сајт „Медиапарт“.
Жените тврдат дека тој ги допирал, ги ставал рацете во нивната долна облека и давал непристојни коментари, пишува сајтот. Наводно инцидентите се случиле во изминатите две децении на сетови на филмови и ТВ-емисии или на јавни места.
Адвокатот на 74-годишниот Депардје вели дека тој „формално ги негира сите обвиненија кои би можеле да потпаднат под кривичното право“.
Актерот номиниран за Оскар и БАФТА е познат по филмовите како „Жан де Флоре“, „Зелена карта“ и „Сирано де Бержерак“.
Обвиненијата доаѓаат две години откако против него беше покрената кривична истрага поради силување, кое тој го негираше.
Во истрагата на „Медиапарт“, статистка на сетот рекла дека Жерар ја ставил раката под нејзиниот фустан. Кога таа му ја тргнала раката, тој станал агресивен и повторно се обидел, тврди таа.
Друга девојка опишува како актерот „ја фатил за половината“ помеѓу снимањата и „на крајот ја ставил раката на нејзиниот задник“.
Многу жени изјавиле за „Медиапарт“ дека се шокирани што не се преземало никаква акција на филмските сетови, бидејќи неговото наводно однесување било толерирано или дури наидувало на смеење.
„Возрасните му дозволуваа на актерот да ми ги гали градите пред сите“, рекла една актерка, која тогаш имала 17 години.
Обвинителството во Париз во средата за новинската агенција АФП изјави дека „до денес не добиле ниту една нова жалба“.
Депардје сè уште е под истрага за наводно силување на актерка во 2018 година.