Француската влада денеска објави дека има намера тесно да соработува со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и покрај налогот за негово апсење од Меѓународниот кривичен суд.
Минатата недела МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант, обвинувајќи ги за злосторства против човештвото.
Француските власти оттогаш даваа нејасни изјави околу тоа дали Франција ќе го уапси Нетанјаху доколку дојде во земјата.
Францускиот премиер Мишел Барние неделава изјави во Парламентот дека Франција „ригорозно“ ќе ги почитува своите обврски според меѓународното право, што министерот за надворешни работи Жан-Ноел Баро го повтори во денешното интервју.
Но, во новото соопштение, МНР тврди дека Нетанјаху и другите осомничени лица од меѓународната потерница имаат имунитет бидејќи Израел не е членка на МКС, што „ќе биде земено предвид доколку МКС побара од нас да ги уапсиме и предадеме“.
„Франција има намера да продолжи тесно да соработува со премиерот Нетанјаху и други израелски официјални лица за да постигне мир и безбедност за сите на Блискиот Исток“, се наведува во соопштението на француското МНР.
Во соопштението се додава и дека „историското пријателство ги поврзува Франција и Израел – две демократии посветени на владеењето на правото и правдата“.