Apple мора да престане да го продава својот модел iPhone 12 во Франција поради нивото на радијација над прагот, изјави францускиот министер за дигитална економија Жан-Ноел Баро за весникот La Parisienne.
Француското набљудувачко тело ANFR го информираше Apple за одлуката да ја забрани продажбата на iPhone 12 по извршените тестови.
Тестовите покажаа дека специфичната стапка на апсорпција (SAR) на паметниот телефон е малку повисока од законски дозволената, рече министерот, а пренесува Index.hr.
Ројтерс побара коментар од Apple за одлуката, но не доби одговор. Баро тврди дека ажурирањето на софтверот би било доволно за да се решат проблемите со радијацијата поврзани со телефонот, кој американската компанија го продава од 2020 година.
„Се очекува Apple да одговори во рок од две недели. Ако не го сторат тоа, јас сум подготвен да нарачам повлекување на сите iPhone 12 во оптек. Правилото е исто за сите, вклучувајќи ги и дигиталните гиганти“, додаде тој. Европската унија постави безбедносни ограничувања за вредностите на SAR поврзани со изложеноста на мобилни телефони.
Француското набљудувачко тело сега ќе ги проследи своите наоди до регулаторите во другите земји-членки на ЕУ. Во 2020 година, Франција ги прошири регулативите кои бараат од трговците на мало да ја прикажуваат вредноста на радијацијата на производите, освен мобилните телефони, вклучувајќи таблети и други електронски уреди.