Франција евакуираше од Судан речиси 400 свои граѓани и државјани на неколку други земји, во неколку воздушни операции меѓу Картум и Џибути, соопшти утринава француското Министерство за надворешни работи.
„Евакуирани се 388 лица, вклучително и француски државјани кои сакаа да го сторат тоа, како и значителен број граѓани на други земји, Европејци (Германија, Австрија, Данска, Финска, Грција, Унгарија, Италија, Ирска, Холандија, Романија, Велика Британија, Шведска, Швајцарија), но и африканските земји (Јужна Африка, Бурунди, Етиопија, Лесото, Мароко, Намибија, Нигер, Уганда, Руанда, Судан), Америка (САД, Канада), Азија (Индија, Јапонија, Филипини), се наведува во соопштението.
Се додава дека сите државни служби се целосно мобилизирани за што поскоро да се обезбедат нови евакуации и е испратена покана до сите страни во конфликтот да ги прекинат борбите и да се вратат на политичкиот дијалог.
Неколку земји спроведуваат операции за евакуација на нивниот дипломатски персонал и граѓани од Судан, каде од 15 април се води борба за власт меѓу армијата и моќната паравоена група.
Во борбите, главно во главниот град Картум и Дарфур на запад, загинаа повеќе од 420 луѓе, а 3.700 се ранети, според Светската здравствена организација.
Тагови