Не сме во војна со Русија и не бараме промена на режимот во Москва, изјави вчера францускиот претседател Емануел Макрон во врска со фактот што Франција ќе биде една од ретките земји кои испраќаат претставник на инаугурацијата на рускиот претседател Владимир Путин, пишува Ројтерс.
На францускиот амбасадор ќе му се придружат претставници на Унгарија и Словачка, чии влади се проруски настроени, но не и амбасадорот на ЕУ во Москва.
– Не сакаме да славиме со агресор – изјави министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахна.
Најмалку 20 членки на ЕУ нема да присуствуваат на инаугурацијата, но, како што објави „Ројтерс“, седум ќе испратат свои претставници. САД и Канада исто така ќе ја бојкотираат денешната инаугурација.
Украина побара од своите сојузници да не присуствуваат на церемонијата.
„Инаугурацијата на Путин создава илузија на законитост за речиси доживотно останување на власт на лице кое ја претвори Руската Федерација во држава агресор, а владејачкиот режим во диктатура. Украина не гледа правна основа за негово признавање како демократски избран и легитимен претседател на Руската Федерација“, се вели во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.
Путин оствари убедлива победа на изборите во март и со тоа ќе остане на власт најмалку до 2030 година.