Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) формираше Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, која треба да биде клучен механизам за мониторинг и брза реакција во услови на потенцијални кризни ситуации или нарушувања во енергетскиот систем.
Комисијата, како што е соопштено од Министерството, ќе биде одговорна за координација помеѓу сите релевантни институции, енергетски компании и експерти; за постојано следење на снабдувањето со електрична енергија; за анализа на пазарните состојби и потенцијалните ризици; за предлагање конкретни мерки за спречување на кризни сценарија.
Комисијата ќе се состанува редовно за да ги анализира состојбите, а во услови на прогласена криза, состаноците ќе се одржуваат секојдневно. Покрај претставници од Министерството, во работата ќе бидат вклучени и надворешни експерти за обезбедување на сеопфатни и навремени решенија.
– Формирањето на оваа Комисија е пример за проактивност во енергетскиот сектор. Целта не е само реакција на криза, туку и градење систем кој превенира и обезбедува стабилност за граѓаните и економијата – вели министерката за енергетика Сања Божиновска.
На првиот состанок, како што соопштија од МЕРМС, Комисијата ги постави основите за нејзиното работење и го усвои планот за редовна анализа на состојбите на домашниот и регионалниот енергетски пазар.
Формирањето на Комисијата е иницијатива на министерката за енергетика со цел унапредување на енергетската безбедност и навремено справување со итни ситуации, како хаварии или природни непогоди.