Германскиот канцелар Олаф Шолц и потпретседателот на Европската комисија за енергетика, Марош Шефчович, многу веројатно доаѓаат во Србија на 19 јули каде што ќе имаат средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Иако засега е непотврдено дали високата европска делегација ќе ја надополни можеби и самата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Нејзиното учество е неизвесно со оглед на тоа што во четврток треба да се реализира гласањето во Европскиот парламент за да биде потврдена за втор мандат.
Сè уште точно нема агенда за нивните посети, српските медиуми пишуваат дека една од главните теми и причина за посетата на високите европски челници на Србија е ископот на литиум и српските суровини за потребите на Европа.
Германскиот канцелар Олаф Шолц планира при посетата на Белград да присуствува на потпишувањето на договорот за соработка меѓу ЕУ и Србија за увоз на минерали, вклучително и литиум, кои се клучни за дигиталната и зелената транзиција на ЕЕ потврдиле за бриселски „Политико“ три извори запознаени со подготовките за патувањето.
Во меѓувреме српската Влада најави дека ќе ја рестартира работата на контроверзниот проект за ископ на литиум во западниот дел на земјата, по минатонеделната одлука на Уставниот суд со која беше поништено претходното откажување на рударската операција.
Претходната Влада, пак, го стопираше проектот пред повеќе од две години и ги укина дозволите доделени на британско-австралискиот рударски гигант Рио Тинто по масовните протести.
Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, се очекува да учествува на церемонијата на потпишување на договорот, изјавија за „Политико“ две лица запознаени со процесот.