Одлуката на Русија да престане да испорачува гас за клиентите во Европа е „инструмент за уцена“, изјави шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
– Потегот е „неоправдан и неприфатлив“ и ја покажува несигурноста на Русија како снабдувач со гас – додава таа.
Фон Дер Лајен рече дека земјите-членки на ЕУ имаат планови за вонредни ситуации за вакво сценарио и оти Европската комисија е во близок контакт со нив за да обезбеди алтернативни испораки и најдобри можни нивоа на складирање низ целата Унија.
Таа информира дека е во тек состанок на координативната група за гас за да се утврди координирана реакција на ЕУ.
– Ние, исто така, ќе продолжиме да работиме со меѓународните партнери за да обезбедиме алтернативни текови – и ќе продолжам да работам со европските и светските лидери за да се обезбеди безбедност на снабдувањето со енергија во Европа. Европејците можат да сметаат на нашата целосна поддршка – рече Фон Дер Лајен.