Претседателот на Фискалниот совет Глигор Бишев на денешната расправа по ребалансот на буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет предупреди дека буџетските расходи кои се проектирани да учествуваат со 40% во домашниот бруто производ (БДП) е преголемо оптоварување кое на долг рок не може да биде одржливо бидејќи создава големи ризици за стабилноста на јавните финансии.
Фискалниот совет даде зелено светло за ребалансот, но предупреди дека трошењата треба да се кратат , а растот на економијата да се гледа во поттикнување на извозот, а не на зголемена потрошувачка преку зголемување на платите и пензиите.
Со ребалансот на Буџетот се предвидува раст на вкупните буџетски приходите од 14,8%, а на расходите од 13,8%, со тоа вкупните буџетски приходи достигнуваат скоро 35% од БДП, а вкупните буџетски расходи 40% од БДП.
– Наша оценка како Фискален совет е дека 40% буџетски расходи, во БДП е преголемо оптоварување кое долгорочно е неодржливо. Според сегашниот систем на даноци на доход и приходи, кога имаме линеарни даноци од 10%, проценето е дека вкупните буџетски расходи на долг рок може да учествуваат со 33 – 34% од БДП, бидејќи капацитетот на буџетските приходи е околу 31% од БДП рече тој.
Бишев додаде дека во 2019 година, пред ковид кризата, учеството на буџетските приходи во БДП изнесувал 29,4 %, учеството на даноците и придонесите 28,8% и вкупните буџетски расходи биле 31,3 % од БДП.
– Значи ние за период од четири до пет години имаме енормен раст на учеството во БДП и тоа создава големи ризици за стабилноста и здравоста на јавните финансии – рече Бишев.
Фискалниот совет, рече тој, забележува дека Министерството за финансии при планирање на ребалансот предвидува растот на економијата да го планиран на 2,1 отсто да го одржува преку стимулирање на домашната потрошувачка што не е добро и предложи фокусот да се стави на мерките за зголемување на нето извозот за да се постигне повисок раст на економијата.
– Она што сакам да го истакнам што не беше на соодветен начин потенцирано од Министерството за финансии е дека целиот раст и на овие скормни 2,1 % доаѓаат од домашната потрошувачка. Значи во однос на претходната година нам нето извозот ни се намалува за 5 проценти поени. Значи ако лани ние сме имале покриеност на увозот со извоз од 75%, оваа година имаме околу 70% . Тоа значи дека ако нам за една единица ни расте нето извозот, реалниот бруто домашен производ ќе ни расте за 1,5%. Како мала и отворена економија ние нема да може да го компензираме растот со стимулирање само на домашната потрошувачка, и растот ќе остане скромен – рече тој.
Од Фискалниот совет предлагаат да се проверат две прашања поврзани со проектирањето на ребалансот.
-Првото се однесува на приходите по основ на даноци од добивка на корпорациите кои се проектирани да растат со 20%, во услови кога реалниот БДП ќе расте со 2,1%, ако планираниот данокот остане 10%. Второто прашање се однесува на бројките проектирани во ребалансот во однос на придонесот за вработување и здравство, кои препорачуваат да се проверат – рече Бишев.
Според него, растот на пензиите од по 2.500 денари годинава и в година, ќе доведе до продлабочување на пензиската дупка што треба да се покрива од буџетот.
Околу буџетскиот дефицит, Фискалниот совет, рече тој го охрабрува Министерството за финансии што поскоро да го примени Европскиот систем на сметки од 2010 година каде и дефицитот и доспеаните, а неизмирени обврски, и на државните претпријатија и на државните институции, да бидат вклучени во дефицитот и во јавниот долг.
По индикативни податоци тоа се проценува, вели, на околу 500 милиони евра или 3,4% од БДП. Тоа е кумулативно, не е од оваа година, и заради коректност, смета Бишев, треба да се постави таргет за тековниот дефицит, да се собере храброст ова од минатото се да се исчисти и да се прикачи, на што инсистира и ЕУ, посочувајќи дека вкупниот јавен долг е од 65 до 66% од БДП.
-Нашите препораки се со оглед на итноста, да се направи напор со одредени усогласувања Буџетот да се усвои, но Министерството за финансии да се задолжи што побрзо да ја изготви буџетската стратегија и стратегијата за јавен долг кои се однесуваат на пет години и тука да се квантифицираат сите мерки и ефекти за усогласување со буџетските правила и тоа е добро да се направи пред да се донесе буџетот за 2025 година. Второ министерката за финансии да се овласти со ресорните министри да се обидат тековните расходи кои што се многу високи, а кои достигнуваат 38% од БДП, а вкупните расходи 48%, да успеат барем да ги намалат за 25, да не дојдеме до толку висока граница, освен, доколку не се ова дубиози од минатото – рече Бишев.
Тој се заложи за цврсти буџетски ограничувања посочувајќи го како добар модел тука примерот од претходниот министер кога две општини се соочиле со потреба од консолидација, им се даде 10-годишна обврзница за да си ги вратат своите обврски, по една десетина годишно.
Фискалниот совет е независното тело кое ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјава. Формирањето на Фискалниот совет е предвидено со реформскиот Закон за буџети.