Финците се сметаат за најсреќните луѓе на светот. Но, бидејќи сакаат да ја споделат својата среќа со другите, ќе организираат курс на кој ќе учат како да се биде среќен.
Финците се најсреќната нација во светот шеста година по ред, според неодамнешното истражување. Финците сега ќе ја споделат можноста да научат да бидат среќни со другите. Во јуни најпрвин ќе организираат (бесплатен) четиридневен курс за десет среќници, а потоа ќе можат да се пријават и останатите кои се заинтересирани. Се уште не е познато колкава ќе биде цената.
„Често го добиваме прашањето: Зошто си толку среќен? Ние веруваме дека финската среќа доаѓа од блискоста со природата и од едноставниот и приземен начин на живот. Ова не е замислена состојба, туку вештина што може да се научи и сподели“, вели Хели Хименез, директор на Business Finland, пренесува zodvena.rs.
Светскиот извештај за среќа, врз основа на кој Финска е избрана за најсреќна земја во светот, се базира на шест фактори: социјална поддршка, приход, здравје, слобода, дарежливост и отсуство на корупција.
Зошто Финците се толку среќни и што ја прави Финска толку различна од САД? За ова за Си-Ен-Ен зборуваше и Марја Хејнонен, финска писателка, новинарка и доктор по комуникации.
Како што рече и Хименез, за курсот беа избрани најдобрите тренери, а учесниците на бесплатниот курс ќе учат за среќата на почетокот на летото, на едно од највозбудливите места за одмор во Финска. „Веруваме дека ова е единствена можност да откриеме нешто прекрасно и вредно“, додаде таа.
Во текот на курсот, учесниците ќе разговараат за четири теми: храна и благосостојба, здравје и рамнотежа, дизајн и природа и начин на живот. Еден од обучувачите, кој е експерт во својата област, ќе ги води учесниците низ темите. Курсот ќе се одржи во Куру, луксузно одморалиште во регионот Лејкленд, опкружено со миризливи борови шуми и глетки кои го одземаат здивот.
Секој учесник ќе биде сместен во сопствена вила со панорамски поглед, а секој од нив ќе има и своја сауна и спа центар. Меѓутоа, бидејќи и добриот сон е клучен за успехот на програмата, во вилите нема телевизор, а постелнината е одобрена од експерти за спиење. Учесниците ќе можат да сурфаат на интернет, бидејќи секоја вила ќе има пристап до безжична интернет конекција.
На десетте избраници, кои ќе бидат откриени во мај, ќе им бидат покриени патните трошоци и трошоците за сместување во Финска. За возврат ќе ги снимаат и ќе го користат материјалот за рекламирање.