Повеќе од 1.400 фински професионални музичари потпишаа петиција со која се бара забрана за Израел да учествува на овогодинешниот Избор за песна на Евровизија поради, како што велат, „воените злосторства“ врз Палестинците во Појасот Газа.
Доколку Израел не биде исклучен од натпреварот, тие бараат од јавниот сервис ИЛЕ да ја повлече апликацијата на Финска за најголемиот европски музички натпревар, чиј домаќин годинава ќе биде шведскиот град Малме.
Од ИЛЕ велат дека го следат ставот на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), организатор на Изборот за песна на Евровизија.
Минатиот месец, исландските музичари поставија слични барања до радиодифузерот РУВ.
Лукас Корпелаинен, еден од иницијаторите на петицијата, за финските медиуми изјави дека не е прифатливо Израел да „учествува на Евровизија за да го подобри својот имиџ“.
Меѓу потписниците има музичари кои ја претставуваа Финска на претходните натпревари за песна на Евровизија.
Тие го обвинуваат ИЛЕ за двојни стандарди, велејќи дека радиодифузерот бил меѓу првите кои побарале на Русија да ѝбиде забранет настап на изборот за песна на Евровиозија во 2022 година.
Еден ден откако Русија ја започна инвазијата на Украина во 2022 година, претставник на финскиот јавен радиодифузер, Виле Вилен, рече дека нападот на Москва е „против сите вредности за кои се залага ИЛЕ и другите европски радиодифузери“.
Организаторот на Евровизија набргу потоа и забрани на Русија да се натпреварува.
Вилен сега вели дека ситуацијата во Израел и Појасот Газа „не е сосема иста“ како руската агресија против Украина.
-Колку и да е ужасно, тоа не е вид на војна што Русија ја започна против Украина – изјави тој за финскиот таблоид Илта-Саномат минатиот месец.
Јере Нурминен, друг претставник на ИЛЕ, изјави дека компанијата ја следи ситуацијата и разговара со ЕБУ и другите јавни радиодифузери. Од финскиот јавен сервис најавија средба и со иницијаторите на петицијата.
Во декември, ЕБУ објави соопштение во кое се вели дека Евровизија е „за радиодифузери, а не за влади“ и дека Израел учествува на натпреварот веќе 50 години.
Се додава дека организациите членки се согласиле дека израелскиот јавен радиодифузер „ги почитува сите правила“ и инсистира на тоа дека натпреварот е „неполитички настан“.
Претходно, прашина крена годинешниот евровизиски претставник на Велика Британија, поп ѕвездата Оли Александар. Откако Александар ја поддржа изјавата во која се обвинува Израел за геноцид, израелски функционер изјави за британскиот весник Телеграф дека аргументите се „апсурдни“ и ги обвини потписниците на петицијата за „анти-израелски ставови“.
Повеќе од 23.350 луѓе се убиени во Појасот Газа за време на војната меѓу Израел и палестинската екстремистичка организација Хамас, главно деца и жени, соопшти Министерството за здравство на Хамас.
Војната започна во октомври откако членовите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа уште 240 заложници, според израелските власти.
Израел започна одмазда во Појасот Газа, прво со воздушни напади, а потоа и со копнени напади, со прокламирана цел „уништување на Хамас“ и сите идни закани за Израел од палестинската територија.