Раперот Фифти Сент изјавил дека ја одбил понудата на Доналд Трамп да настапи на неговиот митинг во Медисон Сквер Гарден во Њујорк за три милиони долари.
Во текот на интервјуто во емисијата „Брекфст клаб“, диџеј Енви, инаку водител на емисијата, го прашал Фифти Сент дали Трамп му понудил пари во замена за неговата поддршка, а тој потврдил дека го прашале да ја испее неговата песна „Many Man“.
„Ми понудија три милиони долари, но не отидов толку далеку. Не сакав ниту да разговарам со нив за такви работи бидејќи се плашам од политика. Не ми се допаѓа тоа“, изјавил Фифти Сент.
Во интервјуто го спомнал и Канје Вест, кој во последните години јавно ги искажуваше своите политички ставови, поради што подоцна му беше забрането да настапува низ САД и Европа, па поради тоа сега може да настапува само во Јапонија.
„Кога ќе се вклучите во политиката, секогаш ќе има некој што не се согласува со вас. Тоа е формулата што го доведе Канје до точка каде што сега може да настапува само во Јапонија“, рекол тој.
По изјавата на раперот, еден од членовите на кампањата на Трамп изјавил дека изјавите на Фифти Сент не се точни и дека не му биле понудени пари за настапот.
Потсетуваме, многу познати личности секојдневно ги поддржуваат своите миленици, а особено за одбележување е поддршката што ја доби Камала Харис во последните денови. Раперот Еминем неодамна се појави на митингот за поддршка на Харис во Детроит, а поддршка и дадоа и Бијонсе, Сара Џесика Паркер и Леонардо Дикаприо. Илон Маск му даде отворена поддршка на Доналд Трамп на почетокот на овој месец.