На Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ (Cinedays), кој годинава се одржува по 22 пат во термин од 13 до 18 јули, ќе бидат прикажани повеќе од 40 филмски наслови, со кои, како што велат организаторите, Скопје повторно ќе живее во филм во фестивалскиот период.
Под годинешниот слоган „Муви најт“ летните скопски филмски вечери ќе се одржуваат во паркот зад Младинскиот културен центар, киното Фросина и летното кино на отворено во Кинотека.
Билетите ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови.
– Она што е обединувачко за ова издание на фестивалот е компакната програма во која ќе погледнеме наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров… Новиот филм на Горан Столевски, а имаме и пет премиери на македонски кратки филмови. Поради буџетските рестрикции програмата е тесно селектирана на сметка на квантитетот за да извадиме што подобар квалитет – истакна Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.
Отворањето и затворањето на 22. „Синедејс“ ќе биде во знак на македонските режисерски имиња. Отворањето е со Филмот „М“ на Вардан Тозија, кој својата светска премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Кан, по што од септември ќе почне да се прикажвуа во кино-салите. Затворањето на фестивалот е повторно со македонска премиера, филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски.
Фестивалот е поддржан од Кинотека на Македонија, Публицис, Скопска пивара, ЕУ за ТЕБЕ, Неотел, Гете институт, Агенцијата за филм на РСМ и од Град Скопје.