Во сабота со концерт на плоштадот Скендербег во Скопје ќе се обележи 21 година од Рамковниот договор и започнувањето на преговорите за полноправно членство во Европската Унија. На музичкиот настан ќе настапи младата поп пејачка Антонија Гиговска, но и други музички ѕвезди, помеѓу кои Кида и Ермал Фејзулаху.
Настанот е организација на Министерството за политички систем, на чие чело е Артан Груби.
„Првото издание на фестивалот кој се стреми да стане традиционален, ќе се одржи на плоштадот „Скендербег” во Скопје со настап на познати музички звезди, меѓу кои и Антониа Гиговска. Заедно одбележуваме 21 годишнина од Охридскиот рамковен договор како и започнување на преговори за полноправно членство во Европската Унија“, се вели на фејсбук-страницата на Министерството, од каде додаваат дека овој музички фестивал би можел да прерасне во неколкудневен музички настан по примерот на Егзит во Нови Сад.
Покрај фестивалот, Министерството организира школа за млади лидери ,,Peace Forum Dialogue”. 4.200.000 денари ќе бидат потрешени за одбележувањето на Рамковниот договор, а од Министерството велат дека и покрај тоа што се наоѓаме во економска криза, овој договор е темел на државата и треба да се слави и во иднина.
Музичкиот настан ќе се одржи на 13-ти август, во сабота, со почеток од 21 часот.