More

    Фалат 600 пожарникари, Ангелов е оптимист дека ќе се одблокира сметката на Национални шуми

    spot_img

    Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов е оптимист дека за 10 дена со раководството на новата влада на Македонија ќе можат да се решат неколку исклучително тешки проблеми кога станува збор за справувањето со шумските пожари ова лето. Тој открива дека трите авиони ер-трактори за гасење не можат да летаат бидејќи има само еден пилот, но предлага на двајцата пензионирани пилоти да им биде понуден договор на дело.

    Во исцрпна прес-конференција Ангелов открива и дека сметката на Национални шуми е блокирана, што значи дека нивните единици не можат да купуваат гориво и активно да ги гасат пожарите. Тој верува дека новата постава во МВР ќе ја замени, како што вели, катастрофалната работа во откривање, на подметнувачите, иако вели дека најголеми подметнувачи на пожарите, ненамерно се земјоделците и сточарите.

    На прашањето дали Македонија е спремна за шумски пожари тој вели:

    – Денес сме недоволно подготвени, но за максимум 10 дена ќе бидеме драстично подготвени, бидејќи верувам дека владата ќе помогне да се стават во функција трите ер-трактори.

    На прашањето дали Македонија е спремна за шумски пожари и дали е против забраната за движење во шуми Ангелов вели:

    – Забраната е последната алатка. Имаме малку податоци за подметнувачи. Најголемиот број на пожари се подметнати од земјоделци и сточари. Ние треба да размислиме за зголемување на казните или ќе најдеме начин кои земјоделците кои палат стрништа се должни да кажат дека утре од толку до толку часот ќе палат стрништа. Ова треба да го проценат стручњаци. Најлесно е во законски акт да дадеме забрани. Мое видување како директор на ЦУК кој е 4 години терен е дека најголем дел од пожарите се предизвикани од земјоделците. Ненамерно. И од сточарите. Тие знаат дека ако ги изгорат трњата од едно место, ќе никне трева. Но, пожарот излегува од контрола. Дрвјата и грмушките силно горат.

    Ангелов ги кажа и бројките на тела за гасење пожари, статистиките за пожарникарите и тешките проблеми со опрема, но е оптимист дека тоа може да се реши. Тој прво ги спомна хеликоптерите:

    – Во овој момент во државата имаме 4 функционални хеликоптери кои можат да помогнат за гаснење пожари и еден извиднички хеликоптер на МВР кој може да се користи и за 3 ведра, едното ведро е од 2 тона, а второто е од 1,5 пол тон на териот има корито од 1.500 литри вода, коритото е побезбедно за самите пилоти бидејќи го олеснува пилотирање бидејќи ведрата се тешки, особено при слетување. Истото се однесува и на едниот дел на армијата кој можеме да го користиме, но АРМ има зголемени ангажмани, но во одредена сериозна ситуација може да сметаме и на овој хеликоптер со едно ведро кое мислам дека собира до 2,5 тони вода – вели Ангелов и додава:

    – За жал авионите се нефункционални не можеме да сметаме на ниту еден ер-трактор има само еден активен пилот и со еден не можеме и покрај напорите на ДЗС не е надминат овој проблем. Имаше барање двајцата пензионирани пилоти да се ангажираат ова лето. Немаме позитивен одговор од владата во заминување. Оптимист сум дека идната влада веднаш ќе им даде со договор на дело да работат на пензионираните пилоти. Оптимист сум дека за десетина дена ќе имаме 4 хеликоптери. Сите овие летала имаат број на часови за летање. Сите мораат да имаат еден краток и еден долготраен неколкунеделен сервис. Затоа мораме да бидеме внимателни со користење на воздухопловите, инаку ќе бидат недостапни во критични ситуациии.

    За блокираната сметка на Национални шуми според Ангелов мора да постои решение.

    – Следниот проблем со кој се соочува овој систем за гасење пожари е оној на Национални шуми. Тие поради блокирана сметка немаат пари за гориво. Од нив добивме од нив известување дека не можеме да сметаме на нивните работници и екипи затоа што секогаш кога се појавува шумски пожар или на отворено тие се први кои треба да излезат на терен. Причината е банална. Немаат гориво во возилата. Оптимист сум и мислам дека првите седници на новата влада сметката ќе биде одблокирана, верувам дека постои начин, зборував со директорот на Национални шуми. Интересот на граѓаните го налага тоа – итно одблокирање на нивната сметка. Дел од лицата кои работата таму се возрасни. Во реалноста бројот на лица кои излегуваат на терен е многу мал, некаде и ги нема – вели тој.

    Ангелов се надева дека новата влада брзо ќе пресече дали во Македонија може и треба да се формира посебен Комитет со 19 члена кој ќе работи конкретно на справување со пожари или ќе ја батали оваа идеја, која, според него, министерството за земјоделие со години ја игнорира:

    – Значајно за граѓаните е и да информирам дека и во Законот за шуми во член 40а е предвидено да се утврди Национален план за справување со пожари. Предвидено е формирање Национален комитет од 19 члена, со раководител од Министерството за Земјоделство, потоа ЦУК, Армијата, ДЗС … Во друг член е предвидено Комитетот да врши координација на воздухопловите. Всушност, тоа во моментот го прави ЦУК. За жал, министерството во последните 7 години не успеа да го стави овој комитет. Според мене причините се објективни, тешко е да се најдат овие 19 лица. Од тие причини Министерството пред некое време предложи предлог закон со бришење на овој дел од законот. Затоа, до бришење на овој член ЦУК беше задолжен за овие задачи. Останува на новата Влада да одлучи дали ќе го заживее овој Национален комитет или не.

    Потоа тој зборуваше за редот на пријавување пожар. Апелираше до градоначалниците да си помагаат меѓу себе и да ја проценат сериозноста на пожарот бидејќи, како што вели, хеликоптерите на ЦУК не може да бидат на 10 места одеднаш.

    – Значајно е да кажам дека при шумски пожар првиот одговор го даваат Национални шуми, а на територијата на општините го дават локалните општински пожарникарски единици. Апелирам до градоначалниците, доколку проценат дека самите не можат да се справат со пожарот, итно да побараат помош од околните општини. Исто како што ние како ЦУК бараме помош и комуницираме со општините. Во нашата држава имаме неколку територијални противпожарни единици кои се извонредни и ги користиме како специјалци. Нејќам да навредам никого. Само ќе кажам дека Скопската противпожарна бригада секојдневно се справува со пожари по станови, а како тоа да им е малку, гаснат и пожари на отворено – вели Ангелов.

    Тој ја пофали Скопската противопожарна бригада со зборовите:

    – Страшно е тоа што се случува во приградските населби. Многу често има пожари на неколку локации. Скопската бригада е растргната. Од тие причини имаме редовна комуникација со командантот на бригадата. Има исклучително тешко пристапни места.

    Тој продолжи да ја објаснува процедурата:

    – Откако ќе се исцрпи оваа помош, градоначалниците треба да ги побараат јавните комунални претпријатија кои имаат свои цистерни. Пожарникарите би можеле да дојдат и да наполнат. Потоа на ред е националната Дирекција за заштита и спасување(ДЗС). Некои друштва во Валандово и Кочани имаат свои капацитети. Дури потоа се бара поддршка од воздухоплови. Многу често веднаш се бараат воздухиплови за гасење пожари. Но, треба да знаете дека доколку наеднаш се појават 5-10 пожари, во тој случај ЦУК едноставно не може на 10 места да испрати воздухоплови.

    Ангелов вели дека проблем е и полнењето на ер-тракторите:

    – ЦУК постапува по барање на градоначалник на општина, откако ќе ја процени критичноста на ситуацијата. Треба да процениме дали некој хеликоптер е на терен и дали тој веќе извршува друга спасувачка или битна работа. Ер-тракторите на ДЗС имаат исто така голема моќ за гаснење, користат додаток во водата, пена која го зголемува дејството на водата. Но, имаат проблем со полнење вода. Едно време полнеа на самиот аеродром. Лимитирани се да полнат на езера и на брани. Но, секогаш постои ризик кога полнат од езерата, затоа што во водата може да има чамец или пак предмети.

    Ангелов на прес-коференцијата јасно ја кажа својата позиција дека е против забраната за движење во шуми:

    – Сега да зборуваме за забраната за движење во шуми. Јас сум против оваа мерка. Имаме доволно свесни планинари. Најчесто пожарите настануваат од палење на сточари и земјоделци кои палат стрништа и слично. Исто така, многу пожари беа предизвикани од искрење на електрични жици. Баравме од ЕВН за затегнатоста на жиците. Со нив имаме одлична комуникација и верувам дека сезонава нема да имаме лабилни жици.

    Директорот на ЦУК отворено кажува дека сега не е времето за скара и за фрлање отпушок на отворено.

    – Апелирам до граѓаните да се воздржат од палење оган на отворено се до есента. Не е време за скари. Ова се однесува и за лицата кои живеат во убавите македонски села затоа што имаме и појави на пожари од последните куќи, луѓе кои имаат специјално огниште и запалиле скара. Воедно, минатата година имавме 3.400 пожари на отворено, кои беа брзо и агресивно изгасени. Продолжуваме со истата политика. Пожарникарите не чекаат двапати. Во МВР лани имаме само 15 пријави против потпалувачи. Но, МВР е катастрофална во откривањето на причинителите. Се надевам дека со новиот министер ќе имаме поголема соработка. Најнеблагородна мерка е да се забрани движењето во шумите. Се сомневам дека некој што се качува на Водно ќе подметне пожар.

    Ангелов апелираше до граѓаните да се воздржат од фрлање отпушоци на отворено.

    – Моментално имаме вкупно 938 пожарникари. Потребни се уште 680 пожарникари, според информации кои ги добивме. Најалармантно е во Скопската противпожарна бригада. Бројката е таква што не се осудувам да ја кажам. Фалат стотици пожарникари. Апелирам до градоначалниците кои примаат пожарникари, да примат млади луѓе кои се здрави за да можат да одговорат на задачата, а не лица кои имаат 40-50 години – вели тој и додава: 

    – Просечната старост на пожарникарите е 40,5 години. Имаме 105 возила. Дел од возилата се мали и можат да се движат во тесни шуми. Имаме повеќе од 300 автоцистерни кои можат да носат вода, но немаат како да ја пумпаат. Имаме класични теренски возила со пумпи, вкупно 54, 11 товарни возила, 6 командни возила, 191 пумпа, 629 заштитни опреми. Тоа значи дека фалат опреми за дел од пожарникарите. На ова мора да работиме.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img