Францускиот претседател Емануел Макрон разговараше телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп пред вонредниот европски состанок за Украина во Париз, но од кабинетот на Макрон не сакаа да откријат детали од разговорот.
Макрон денеска ги покани лидерите на Европската унија и на Обединетото Кралство во Елисејската палата на разговори за тоа како да одговорат „на американскиот дипломатски напад врз Украина“.
Елисејската палата соопшти дека состанокот е неформален и дека ќе се одржи попладнево, а на него ќе присуствуваат лидерите на Германија, Велика Британија, Италија, Полска, Шпанија, Холандија и на Данска, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Клучните европски лидери денеска пристигнаа во Елисејската палата, пренесоа светските агенции. Британскиот премиер Кир Стармер и германскиот канцелар Олаф Шолц беа меѓу првите шефови на држави кои ги пречека Макрон.
Претходно денеска, Шолц на настанот од неговата предизборна кампања им кажа на новинарите за потребата од „силна украинска армија“ на прашањето дали германските трупи би можеле да бидат распоредени за потенцијална идна мировна мисија во Украина. Дојче Веле напиша дека Германија е во тешка позиција да носи одлуки поради парламентарните избори закажани за в недела.
Полскиот премиер Доналд Туск говорејќи пред новинарите претходно, рече дека ќе ги повика европските лидери на денешниот состанок во Париз „веднаш“ да ја зајакнат одбраната на Европа. Тоа е затоа што Европа „не е способна да се спротивстави на рускиот воен потенцијал“ и тие треба да се „фатат“, објасни Туск.
– Нема да можеме ефективно да и помогнеме на Украина ако веднаш не преземеме практични чекори во однос на нашите сопствени одбранбени способности – им рече Туск на новинарите пред да полета за Париз.
Од земјите кои отворено изразиле подготвеност да пуштат свои воена трупи во можна идна мировна мисија во Украина засега се само три: Велика Британија, Германија и Шведска. САД им испратија прашалник со шест точки на европските земји за тоа колку се спремни да вложат во идната одбрана на Украина.
На самитот ќе се разговара за војната во Украина и европската безбедност поради загриженоста на европските лидери дека Трамп би можел да ги изолира своите долгогодишни сојузници.
Специјалниот пратеник на Трамп за Украина, Кит Келог, рече дека Европа нема да биде директно вклучена во преговорите за Украина, иако сепак ќе има „придонес“.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио го започна својот состанок со принцот Мохамед Бин Салман, престолонаследник на Саудиска Арабија во Ријад, како дел од неговата турнеја на Блискиот Исток. Рубио во Ријад треба да се сретне со високи руски функционери за да се договорат следните чекори во преговорите за можен мир во Украина.