Пратеничката група на Европскиот фронт најави дека денеска ќе поднесе интерпелација за работата на четворица членови на владата – вицепремиерот Изет Меџити, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и за вицепремиерот Иван Стоилковиќ.
– Заменик премиерот Меџити не успеа да ги заштити интересите на албанската заедница и да придонесе за зачувување на социјалната и меѓуетничката хармонија. Напротив, толерираше дискриминација, селективна правда од надлежните органи и молчеше за повторените неправди што ги трпи оваа заедница. Министерот за внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик Исени, на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, ѝ наредија на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците. Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на мир и меѓуетнички соживот – рече пратеникот од ДУИ Блерим Беџети.
Тој додаде дека Тошковски и Исени не успеале да обезбедат правична и еднаква политика за сите граѓани.
– Додека албанските државјани се уапсени за инциденти поврзани со државното знаме, не се преземени реципрочни мерки против оние кои го запалија албанското знаме. Овој едностран и селективен третман создава опасен преседан и ја поткопува довербата на граѓаните во неселективна правда и непристрасноста на државните институции – рече Беџети.
Интерпелацијата за вицепремиерот Иван Стоилковиќ е поднесена за „неговото непостапување и неизјаснување во врска со неодамнешните настани во Куманово, каде изгореа неколку возила и продавница на Албанци.“
Според него, повеќе од јасно е дека дестабилизирана Северна Македонија е во директен интерес на Русија.
– Присуството на луѓе како Стоилковиќ, познат по врските со Путин и со Вулин, на високи позиции во актуелната власт, е јасен доказ за инфилтрирањето на оваа агенда во државните структури – вели Беџети и додава дека е „јасно дека владата и проруските елементи ги здружија силите за да создадат криза која им служи на нивните политички и геостратешки интереси.“
Пратеничката група на Европскиот фронт поднесе Барање за детални информации од министерот за внатрешни работи и од заменик министерот за внатрешни работи во врска со безбедносната состојба во земјата. Тие бараат хронолошка детална информација во врска со палењето деловни објекти во Куманово и нападите врз имотите на граѓани од албанска етничка припадност, детална информација во врска со палењето знамиња. Пратеничката група бара ова да се стави на Дневен ред на следната седница на Собранието.
Коалицијата „Вреди“ ја отфрли интерпелацијата од пратениците на ДУИ и од Европскиот фронт сметајќи дека тоа е неодговорен однос кон граѓаните и кон нивната иднина.
„Ова е класичен предвидлив чекор на ДУИ кој следува после оркестрираното и организирано нарушување на мирното славање на 28 ноември од страна групи блиски до ДУИ и до Артан Груби. Креираа проблеми и сега вината ја префрлаат на друг. ДУИ ги организираше проблемите и инцидентите. Креираат проблем, ги изложуваат граѓаните на ризик, ги оставаат на немилост, бегаат од нив и на крај се обидуваат да искористат политички поени“, се наведува во реакцијата од „Вреди“.
Оттаму потсетуваат дека Беџети бил фатен со оружје и со наркотични средства во дискотека.
„Не можете да се нарекувате Европски фронт, а да се обидувате да ја дестабилизирате државата и со тоа да ја оддалечувате од европската перспектива, само затоа што се плашите од последиците на својот криминал. Оваа интерпелација е политички маневар без основа“, додаваат од „Вреди“.