Гледам показатели дека оваа Влада има подготвеност да оди напред во евроинтеграциите, ако за тоа има гаранции дека Бугарија нема да поставува нови барања и да го блокира натаму процесот, рече на средба со македонски новинари новиот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија Томас Вајц, јави специјалниот известувач на МИА од Стразбур.
– Треба да се обезбеди промена на Уставот, но и да се обезбеди дека нема да има дополнителни барања, тоа треба да биде обврзувачко и чувството е такво во Европската Унија. Владата тешко ќе може да им објасни на гласачите, ако нема гаранции. Треба да работиме на тоа да се обезбедат гаранции и дека нема да има нови барања -, рече австрискиот европратеник Вајц, кој доаѓа од редот на Зелените.
Во однос на барањето на Владата за уставни измени со одложено дејство, Вајц изрази сомневање дека тие би можеле да поминат.
– Она што е легитимно е тоа што Владата бара јасност за барањата, но не верувам дека ќе помине барањето за уставни измени со одложено дејство – рече Вајс.
Нагласи дека треба да се најдат гаранции дека нема да има натамошни блокади и оти во моментот не го знае точното решение, но за пет до шест месеци може да каже поконкретно решение.
Вајц оцени дека земјава станала жртва на билатералното прашање со Бугарија, оти прегoворите не се лесни, но оти новите геостратешки околности по руската инвазија врз Украина, покажаа дека Западен Балкан не е некаде надвор, туку во јадрото на Европа.
Во однос на напредокот во реформите, Вајц кажа дека земјава напредува подобро од другите држави од Западен Балкан, но она што недостига е имплементација на законодавството.
– Северна Македонија спроведува реформи порано од другите земји од регионот, имате историски напредок, којшто можете да го надоградите. Но ако се чека, на пример, седум години за да се започне судски процес, тоа не е реформа во судскиот систем. Има уште работа што треба да се направи. Северна Македонија е на добар пат, но работата не е завршена – рече Вајц, додавајќи дека реформите се важни за граѓаните, а не само на хартија.
Околу новиот состав на Европската комисија, Вајц кажа дека Марта Кос е одличен избор за еврокомесарка за проширување и оти ќе биде посветена регионот да стане дел од ЕУ.
– Ние ѝ дадовме на Украина кандидатски статус од геостратешка причина. Но ако сме реални која земја може да се приклучи во наредните години тоа се земјите од Западен Балкан, влучително и Северна Македонија. Можете да сметате на ангажманот на Марта Кос – рече Вајц.
Во однос на регионалната соработка, и за Отворен Балкан, Вајц рече дека секоја соработка е добра и дека регионот ако настапува заедно ќе биде посилен.
– Во принцип секоја соработка е добра, но имам сомневање дека Отворен Балкан има цел да го зацврсти влијанието на Србија во регионот, политички е легитимно да се бара тоа, но мене тоа ми мириса на алтернативен процес на ЕУ пристапување и алтернативен процес на Берлинскиот процес – рече Вајц.
Германскиот европратеник Михаел Гахлер и член на Комитетот за надворешни работи на Европарламентот, на средба со македонските новинари во ЕП во Стразбур, рече дека постојат иницијативи од ЕУ членки да се одблокира процесот.
Тој истакна дека во разговори со бугарски европратеници добил впечаток оти тие се ориентирани кон изнаоѓање решение и оти, како што кажа, не е ниту во интерес на Бугарија да го блокира процесот.