Доналд Трамп со најавената царина од 30% на европскиот извоз би можел „практично“ да стави крај на трговијата меѓу ЕУ и САД и да го означи крајот на трансатлантската економска врска „како што ја знаеме“, изјави еврокомесарот за еконимија, Марош Шефчович, во понеделникот, објави Јурактив.
Шефчович рече дека последната закана на американскиот претседател, објавена во саботата, би имала „супер негативни“ последици доколку стапи во сила на 1 август бидејќи ќе ги обесхрабри европските извозници да испорачуваат стока во САД.
– Царина од 30% или нешто над тоа… има речиси ист ефект: практично, трговијата станува невозможна. Ако царината остане 30% или повеќе, едноставно трговијата, како што ја познаваме, нема да продолжи – изјави Шефчович пред состанокот на министрите за трговија на ЕУ во Брисел, нагласувајќи дека ќе направи „сѐ што може“ за да спречи стапување во сила на оваа мерка.
Шефчович нагласи дека Европската комисија останува подготвена, „ако треба“, да воведе реципрочни контрамерки за да го „врати балансот во трансатлантските односи“. Тој додаде дека подоцна во понеделникот ќе разговара со своите американски колеги.
Брисел веќе подготви пакет одмазднички мерки што таргетираат американски извоз во вредност од 21 милијарда евра. Тој првично требаше да стапи на сила в вторник, но беше одложен до почетокот на следниот месец по викенд-заканата од Трамп.
Комисијата подготви и посебна листа од 72 милијарди евра што ќе ѝ биде презентирана на министрите на ЕУ во понеделник и која, исто така, може да биде активирана на 1 август ако не се постигне договорено решение.
Трамп веќе воведе 50% царина на челик и за алуминиум, 25% на автомобили и 10% општа царина откако се врати во Белата куќа во јануари. Овие мерки зафаќаат извоз од ЕУ во вредност од 370 милијарди евра, или 70% од вкупниот извоз на блокот кон САД.
Можноста за долготраен трговски судир со главниот сојузник на ЕУ ја повтори и данскиот министер за трговија Ларс Локе Расмусен, кој предупреди дека трговска војна со САД би имала „разорни“ последици од двете страни на Атлантикот.
– Ние сакаме договор, но има една стара изрека: „Ако сакаш мир, мораш да се подготвиш за војна“ – изјави Расмусен, чијашто земја моментално претседава со Советот на ЕУ и кој го води понеделничкиот состанок.
Некои министри, сепак, порачаа дека ЕУ е подготвена и за подолга трговска конфронтација.
Министерот за трговија на Шведска, Бенјамин Дуса, изјави дека Брисел има „уште алатки во кутијата со алати“ што може да се искористат против американскиот извоз – суптилна алузија на европскиот „инструмент против принуда“, кој ако се активира, може да ги таргетира американските услуги и кој има поддршка од францускиот претседател Емануел Макрон.
– Ако Белата куќа сака да бидеме остри, тогаш ние ќе бидеме прилично остри кон Белата куќа – порача Дуса.