Европската Унија (ЕУ) денеска предложи целосна суспензија на договорот за поедноставување на издавањето визи со Русија. Тоа значи дека руските граѓани ќе плаќаат повеќе, а постапката за издавање визи ќе трае подолго.
Предлогот следува откако минатата недела во Прага, министрите за надворешни работи на земјите членки постигнаа политички договор по ова прашање.
Комисијата објави и предлог за непризнавање на руските пасоши издадени на окупираните подрачја во Украина.
– Сè додека трае руската агресија врз земјата кандидат за членство во ЕУ, не може да има олеснување за руските граѓани да патуваат во Европа – истакна потпретседателот на Комисијата за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Шинас.
Тој додаде дека визната политика на ЕУ е „знак на доверба, што Русија целосно ја урна со ништо предизвиканата и неправедна агресивна војна против Украина“.
Русите во иднина ќе плаќаат 80 евра за виза за влез во ЕУ, наместо сегашните триесет и пет. Рокот за конзулатите што издаваат визи ќе се зголеми од 10 на 15 денови. Може да се продолжи до најмногу 45 денови кога е потребна подетална проверка на барателот на виза.
Ќе се ограничи издавање визи што овозможуваат повеќекратен влез во ЕУ и руските граѓани во барањето за виза ќе мора да достават повеќе документи, отколку што е потребно сега.
Договорот за поедноставување на издавањето визи со Русија стапи во сила во јуни 2007 година. Еден ден по почетокот на руската инвазија врз Украина, на 25 февруари, ЕУ делумно го суспендираше за руските бизнисмени.
Предлогот за суспензија на договорот треба да биде одобрен од Советот на Европската Унија.