Европа отвора 18 истраги за злоупотреби на европски фондови во Македонија во периодот од 2017 до 2022 година, соопшти денеска Анастасија Илиеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа на Фејсбук напиша дека од вкупно 36 истраги на ОЛАФ за злоупотреба на ЕУ-фондови дадени на земјите од Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на фондовите дадени на Македонија.
„Истрагите се однесуваат за период од 2017-2022 година и дадени се препораки земјата корисничка да ги врати злоупотребените средства. За евидентираните злоупотреби на соодветните власти во земјата, предметите се предаваат за да се отворат истраги за криминал“, напиша Илиеска.
Втората земја со најголем број на истраги започнати во регионот е Србија, при што ОЛАФ отвори 9 истраги и состави четири препораки.
Во Босна и Херцеговина се покренати 3 истраги, а поднесени се две препораки, додека на Косово се покренати 3 истраги и една препорака.
Во однос на Албанија отворени се вкупно две истраги, меѓу кои и онаа од 2021 година за земјоделски фондови. На дното на листата на ОЛАФ, со само една истрага, е Црна Гора.
„Еуроњуз Албанија“ пишува дека исто како што истрагата може да се заклучи без да се идентификуваат виновниците, исто така може да доведе до тоа земјата-корисничка да мора да го врати сомнителниот злоупотребен дел од средствата.