Огромна историска грешка на ЕУ е што сè уште не ги почнала преговорите за членство со Македонија, а таа грешка сега е дигната на квадрат со одвојувањето на Албанија во евроинтеграцискиот процес, за што јас не гледам никакви причини, рече денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски по меѓувладината седница во Охрид.
– Народите и државите во Западен Балкан заслужуваат многу повеќе од тоа што го добиваат од Брисел и требаше одамна да се членки на ЕУ. Македонија е кандидат од 2005 година, почна заедно со Хрватска, во 2008 година заедно со Хрватска добија позитивно мислење, сега Хрватска е членка, а со Македонија преговорите не се почнати. Ова е огромна историска грешка на ЕУ и ова ќе биде огромен предизвик за македонската влада – рече премиерот Орбан.
Унгарија посредник помеѓу Македонија и Бугарија?
Тој најави дека Унгарија е подготвена да биде посредник во македонско-бугарските разговори доколку двете држави се согласат со тоа.
– Придржувањето на Македонија е условено со тоа на некој начин да се спогодат со Бугарија. Му го пренесов предлогот на премиерот Мицкоски дека ние сме подготвени како претседателство да посредуваме, а дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник – ќе видиме. Ние сме посветени да најдеме решение кое им одговара и на Македонија и на Бугарија. Тоа треба да го решат страните кои се во судир, а ние сме подготвени да помогнеме – рече Орбан.
Тешко е да се разбере, додаде тој, тоа што една нација ја залажуваат со започнување на преговорите за членство во ЕУ, при што напредуваат сите држави со кои заедно започнале, нив ги држат во позадина.
– Националната гордост е најважна и ЕУ мора тоа да го има в предвид. Ова што се случува со Македонија е повредување на националната гордост на граѓаните што 10 години постојано се случува. Вие одамна требаше да сте членки, а овој однос на ЕУ прави рани на душата. Ние треба да градиме пријателства, а не да задаваме рани на душата на една нација. Голема грешка е што не сте членка, а вас сега ве одвојуваат од Албанија. Единственото решние го гледам во тоа дека вие до крајот на годината мора да почнете со преговорите – рече Орбан.
Мора да ги почнете преговорите до крајот на оваа година
Најважната тема е зачленувањето на Македонија во ЕУ, а Унгарија е претседавач со ЕУ и логично е дека за тоа најмногу зборувавме, додаде премиерот Орбан.
– Ставот на Унгарија е познат, многу е важна стабилноста на Западен Балкан и зачленувањето во ЕУ. Зачленувањето е огромна можност и за сите држави-членки и сите добиваме многу, но ЕУ ја загуби својата динамика. Ние мора да го обезбедиме проширувањето. Не го одминуваме и фактот дека Украина и Молдавија добија вонредно забрзани постапки за зачленуавање, мора да го земеме предвид геополитичкиот фактор, но не е лесно што други земји кои со години се посветени се оставени на страна. Многу е важно да се одржи проширувањето на дневниот ред на ЕУ и да се забрза. Подготвени сме да правиме меѓувладини конфереции – рече Орбан.
Источниот сосед и домашната опозиција сега се најсреќни, порача премиерот Мицкоски
Премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека жали што повторно сме жртва на билатерализација.
– Добро е што имаме пријатели во ЕУ и кои сакааат да го шират нашиот глас во ЕУ. Им посакувам сè најубаво на албанската влада и брзо да ги завршат преговорите и да станат членка и се надевам дека и ние еден ден ќе бидеме дел од тоа семејство и таа маса. Со оваа одлука само две страни се задоволни, политичарите кај нашиот источен сосед и нашата опозиција дома. Само тие се радуваа на оваа одлука која не само што не е фер, туку е погрешна порака кон нашите граѓани. Нии ќе продолжиме напорно да работиме и да ги решаваме проблемите дома и можеби еден ден и ние ќе бидеме оценувани по Копенхашките критериуми, а не според билатералните проблеми, кои во нашиот случај се однесуваат на работи кои се случиле во Средниот век – рече Мицкоски.
Ни помогнавте во 2015 година, сега ние ви помагаме
Премиерот Орбан искатна дека двете земји имаат добра билатерална соработка и спомена дека ова лето ни помогнале со речиси 50 пожарниари и со сериозна технолошка опрема во гаснењето на пожарите.
– Ова го нагласувам затоа што ова е наш одговор на помошта што во 2015 и 2016 година ја добивме од Македонија во времето на мигрантската криза. Тогаш ние станавме свесни дека Македонија не е само пријателска држава, туку е стратешка за безбедноста на Унгарија, затоа што се наоѓа на мигрантската патека и ако вие не можете да се справите со мигрантската криза ќе мира ние тоа да го правиме. Затоа нам ни е важно во Македонија да има стабилна влада која ќе може да ги исполнува своите обврски – рече Орбан.
Тој истакна дека 2.004 унгарски полицајци досега учествувале заедно со македонските полицајци во одбрана на јужната граница и спречиле влез на 16.000 мигранти, што е „ убав пример за соработка“. Додаде и дека Унгарија е подготвена за финансиска соработка и да придонесе за зголемување на безбедноста, па затоа ќе ни помогне и во процесот на заченување во ЕУ.
Економски соработуваме со оние кои имаат улога во нашата национална безбедност
Во врска со унгарскиот кредит за Македонија и шпекулациите дека тие пари се од кинески кредит, Орбан рече дека не се работи за кинеските пари.
– Како прво, сакам да кажам дека економијата не е најважното прашање, туку е второ, а примарно е прашањето на безбедноста и борбата против нелегалната миграција. Ние во Унгарија сите прашања ги решаваме од прашање на безбедноста. Кој има поголема улога во нашата национална безбедност, со тој имаме и поголема економска сорабптка. Ние од Кина не даваме пари, со Кина имаме договор дека кинеските пари ќе се користат за проекти во Унгарија. Не ви даваме кинекси пари, имаме европски пари и тие ќе ви ги даваме – рече унгарскиот премиер.
Тој нагласи дека Македонија е на балканската мигранска рута, а миграцијата ќе остане како проблем во наредните 70-80 години. Истакна дека се радува што во Западен Балкан живееат народи кои ја научиле историската лекција и знаат што им донела миграцијата во минатото. Орбан порача дека западните држави не се подготвени да ги чуваат своите граници, па затоа ќе сорабутва со балканските земји со цел да се сочуваат историските традиции, културните идентити и христијанството.