Идната германска влада сака да воведе построги мерки против земјите членки на Европската унија кои го прекршуваат владеењето на правото. Според нацрт-коалицискиот договор меѓу демохристијаните и социјалдемократите, објавен од Еурактив, новата германска влада планира да заземе поостар став кон земјите-членки кои го забавуваат процесот на одлучување во рамките на ЕУ, а се со цел остварување на сопствени политички или економски интереси.
Иако во нацртот не се споменува некоја конкретна земја, Политико нагласува дека е јасно дека тоа е порака до Унгарија, која често ги блокира одлуките на ЕУ, особено во однос на санкциите против Русија, со цел да се обезбеди исплата на средствата што и беа замрзнати поради проблеми со владеењето на правото. Словачка под актуелниот премиер Роберт Фицо, исто така, се повеќе користи тактики за блокирање во ЕУ, слично на Унгарија.
Во нацртот на Унијата на ЦДУ/ЦСУ и СПД се нагласува дека принципот на консензус во Европскиот совет и едногласно гласање во Советот на ЕУ не смее да биде пречка за носење важни одлуки. Тие се залагаат за проширување на гласањето со квалификувано мнозинство, особено за прашања од заедничката надворешна и безбедносна политика, како што е наметнувањето санкции. Тие, исто така, предвидуваат употреба на таканаречените „пасерелни клаузули“ кои овозможуваат премин од едногласно одлучување кон одлучување со квалификувано мнозинство, што би го забрзало процесот на одлучување во ЕУ.
Коалициските партнери, исто така, предлагаат воведување построги санкции за земјите што ги прекршуваат основните вредности на ЕУ. Покрај прекршочните постапки и одбивањето на средствата од ЕУ, предвидено е и суспендирање на правото на глас во Советот на ЕУ. Тие, исто така, ја нагласуваат важноста да се осигура дека обичните граѓани не треба да бидат казнети за погрешните одлуки на нивните влади. Во случај ЕУ да блокира средства, се предлага овие средства да се распределат директно на крајните корисници, како што се студентите во рамките на програмата Еразмус+.
За потсетување, Европскиот парламент веќе покрена постапка против Унгарија во 2018 година поради сомневање за сериозни прекршувања на основните вредности на ЕУ, но поради политичките поделби меѓу земјите-членки, овој процес беше стопиран. Иако формалната процедура која може да доведе до суспензија на гласачкото право на Унгарија не е завршена, Европската комисија блокираше 22 милијарди евра наменети за Унгарија во 2022 година поради загриженоста за човековите права и независноста на судството. Сепак, минатата година беа одмрзнати повеќе од десет милијарди евра, што предизвика бурни реакции во ЕУ.
И покрај политичките несогласувања, Унгарија продолжува да ужива силни економски односи со Германија, која е еден од нејзините главни трговски партнери. Германските компании, особено во автомобилската индустрија, претставуваат значајна странска инвестиција во Унгарија (околу 3.000 германски компании се активни во Унгарија, според германското Министерство за надворешни работи). Овие економски врски ги прават политичките односи меѓу двете земји посложени, особено во контекст на затегнатите трговски односи меѓу ЕУ и САД.
Исто така, се поставува прашањето како Германија има намера да го реформира одлучувањето во ЕУ кога не може ни да го олесни тоа во својата земја. Имено, една од главните пречки за германското лидерство во Европа е тоа што германската влада во моментов мора да се воздржи од гласање во ЕУ доколку одговорните министерства и коалиционите партнери не можат да најдат заеднички став, кој се нарекува „германски глас“. Мерц вети дека под негово раководство нема да има воздржување во клучните гласови во Брисел, но предлогот на ЦДУ може да се сфати како невидено грабање моќ, бидејќи канцеларката би можела да ги преземе координирачките преговори за важни прашања. СПД, секако, се противи на тоа и сака да го задржи „меѓуресорскиот принцип“, кој подразбира разрешување на несогласувањата меѓу министерствата.