Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за МИА нагласува дека главната загриженост во однос на брзите измени на Кривичниот законик е можноста за зголемување на неказнивоста и она, што се покажа со текот на времето, како што посочи, е дека откако измените стапија во сила, неказнивоста е зголемена.
– Она што го привлече вниманието и нашата загриженост беа измените на Кривичниот законик. Во тоа време бевме загрижени дека ова ќе доведе до повеќе неказнивост, тука беше и злоупотребата на европското знаменце, но главната загриженост беше дека ова би можело да доведе до поголеми можности за неказнивост. И она што го гледаме случај по случај со текот на времето е зголемена неказнивост, и сега увидовме дека постои празнина во еден дел од законот што приоритетно треба да се затвори – вели Гир, одговарајќи на прашањето за проблемот со корупцијата со кој се соочува земјава, што беше нотирано и во последниот извештај на Европската комисија.
Корупцијата, наведува евроамбасадорот, го поткопува економскиот потенцијал на државата, ги поткопува иновациите, претставува еден од оние фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата и секако претставува извор на нееднаквост и неправда.
– Затоа е многу загрижувачки што ноемврискиот извештај на Европската комисија кажува дека нема напредок во борбата против корупцијата. Нашето очекување е ова да биде една од главните области каде треба властите да бидат активни, борбата против корупцијата – истакна Гир, кој напомена дека има и светли примери, како работата на Државната комисија за спречување на корупција и на Државниот завод за ревизија, но додаде дека во борбата против корупцијата треба да се вклучат сите општествени чинители.