Рубљата утринава се тргува за скоро иста цена како на 24 февруари, кога војната во Украина започна. Што значи тоа? Подемот, преполовувањето и повторното закрепнување на рубљата од напливот на западните санкции не значат светла иднина за валутата на долг рок, анализира Ројтерс, додавајќи дека руското БДП годинава се очекува да се намали за 10 до 15 отсто, што значи осиромашување на граѓаните во земјата.
Анализата сугрерира и дека повратокот на рубљата на сцената е моментална делумно и поради вештачката контрола на капиталот која ја спроведуваат руските економски власти. На Русија сепак половина од златните и девизните резерви ѝ се замрзнати. Тоа се околу 640 милијарди долари заглавени во резерви.
Добрите вести за Русија се дека приходите од гас во земјата растат, а лошите се дека увозот се намалува. Исто така, инфлацијата е голема, што значи поскапување и намалување на куповната моќ за Русите. Американските планови да се пуштат во оптег големи количества нафта на пазарот за да се намали цената на сите енергенси значат дека рубљата пак ќе мора да се бори.
– Ова (закрепнување на рубљата) не треба да се сфати како гледиште на пазарот за среднорочните и долгорочните изгледи на Русија – рече Улрих Лехтман, аналитичар во Комерцбанк.
Двата пазари и преполовувањето
Од почетокот на војната, рубљата се подели на домашен пазар и на офшор пазар каде западните банки и инвеститорите можат да тргуваат меѓу себе и со ентитети кои не подлежат на санкции. Како што се разгоруваше војната и двата пазари полека стивнуваа. Но, сега, откако рубљата закрепна, ценовниот јаз меѓу пазарите се намали.
Според податоците на Refinitiv, офшор рубљата неделава се искачи и до 75 за еден долар, односно колку што отприлика беше во февруари кога Русија ја започна својата „специјална воена операција“. Потоа, на 7 март достигна рекордно ниско ниво од 150 за еден долар.
На копнените пазари, рубљата денеска накратко достигна 80,33 за еден долар, нивоа последен пат забележани пред инвазијата на 23 февруари и далеку од своето најниското ниво, кое беше на 10 март и изнесуваше 121,5 рубљи за еден долар.
Нема купување долари, нема работа со каква било готовина
Белата куќа во четвртокот соопшти дека Москва вештачки ја „поддржува“ рубљата. Но, што тоа значи во реалноста? Русија по санкциите ги зголеми каматните стапки на 20 отсто, го ограничи пристапот на локалните фирми до готовина во странски валути, им забрани на граѓаните да повлечат повеќе од 10.000 долари во странски валути во следните шест месеци и им забрани на банките да продаваат цврста валута во готовина.
На странските инвеститори им беше забрането да излегуваат од хартии од вредност, со што се ограничи трката да фрлаат рубли, а претседателот Владимир Путин вчера побара од странските купувачи да плаќаат во рубљи за рускиот гас од 1 април.
– Европските земји не се подготвени да го сторат ова, бидејќи ако биде успешна и европските земји се согласат на тоа, тоа би имало позитивно влијание на пазарот на рубљата – рече главниот аналитичар на Danske Bank, Мина Кусисто.
Нафтата и новите цени пак ќе ја „зашеметат“ рубљата
Анализирајќи ги податоците за сообраќајот на танкери, Институтот за меѓународни финансии (IIF) проценува дека заработката од мартовскиот извоз на нафта на Русија ќе изнесува 12,3 милијарди американски долари – нагло зголемување во однос на март минатата 2021 година, бидејќи цените на енергијата се зголемуваат.
Пропаѓањето на увозот би можело да доведе до двојно зголемување на суфицитот на тековната сметка од 2021 година на 200-240 милијарди долари оваа година, проценува и IIF.
Главниот економист на IIF, Робин Брукс, призна дека прашањата за потегот на рубљата се легитимни со оглед на контролата на капиталот, иако тој смета дека закрепнувањето е „вистинито“, посочувајќи ја валутата на колега извозник на нафта од Казахстан, која надомести половина од загубите по инвазијата.