На видеото од април, рускиот претседател се чини дека се држи за маса со десната рака додека разговара со својот министер за одбрана. Видеото брзо се прошири низ светот и започна нови гласини за наводно нарушено здравје на Владимир Путин.
Веќе имаше различни шпекулации бидејќи пред рускиот напад на Украина на крајот на февруари, Путин секогаш ги држеше странските гости како канцеларот Олаф Шолц и претседателот на Франција, Емануел Макрон на максимална оддалеченост на маса долга шест метри.
Дали тој сакаше да избегне внимателно да му го погледнат лицето, веќе се прашуваа многу луѓе на социјалните мрежи?
Шпекулациите се движеа од Паркинсонова болест, рак на тироидната жлезда, мозочен удар до деменција, штом лицето на Путин се појави отечено или неговото одење беше несмасно или вкочането, пишува Дојче веле.
Што може да се заклучи од она што го гледаме?
Сепак, дали физичкиот изглед на една личност навистина може да открие нешто за неговото здравје? Какви информации ни дава кожата како најголем човечки орган?
– Мал број дијагнози може да се постават само врз основа на изгледот – вели Кристиане Баерл, директор на клиниката во Визбаден и член на Друштвото за дерматологија.
– Но, разните клинички знаци привлекуваат внимание – додаде таа, не земајќи го Путин за пример.
Почнувајќи од надворешните индикатори, дерматолозите генерално вршат тестови на ткиво, анализираат брисеви од слузокожата или користат ултразвук за да ја видат длабоката структура на кожата, забележува таа и додава дека на оние кои не се стручни им е тешко да извлечат некои заклучоци.
– За жал, лаиците погрешно толкуваат многу работи – вели таа.
На пример, црвеното лице може да укаже на висок крвен притисок, но може да биде и целосно ирелевантно. Одредена дистрибуција на црвенило може да биде показател за прилично распространетата воспалителна кожна болест розацеа, објаснува таа.
– Многу убав бронзен тен со темно пигментирани дланки укажува на нарушување во работата на надбубрежната кора – забележува Баерл и додава дека анорексијата и неухранетоста можат да се прикажат и преку зголемена пигментација.
Според Баерл, кога тироидната жлезда е недоволна активна, кожата често е сува или околу очите има едем – акумулација на течност во ткивото. А на пример, луѓето алергични на полен често имаат проблеми со црвените очи, додава овој доктор.
Темните кругови, вели таа, може да се појават без да укажуваат на некоја болест, доколку не се во крваво-кафеава боја.
Затоа, забележува Баерл, обрнувањето внимание на надворешните карактеристики и промените на кожата секако може да има смисла и „е секојдневна работа“ на дерматологот.
Деменцијата не може да се препознае со надворешни знаци
Од друга страна, промени на кожата постојат и кај бројни невролошки заболувања, вели Питер Берлит, генерален секретар на Друштвото за неврологија.
– Доколку нечие одење изгледа чудно, понекогаш може „да гарантира барем некоја привремена дијагноза“, како Паркинсоновата болест. Намалените изрази на лицето може да укажуваат на земање одредени лекови или ментална болест – забележува Берлит, но нагласува дека деменцијата не може да се препознае по надворешни карактеристики.
Освен тоа, „неконтролираните движења на екстремитетите или спонтани мускулни грчеви може да бидат важни симптоми на болеста“, објаснува овој невролог.
Општиот лекар Манфред Имберт исто така вели дека некои заклучоци за можните болести понекогаш може да се извлечат од држењето на телото, подвижноста, брзината на движење или изразите на лицето, но нагласува дека „ништо не е сигурно, но првично тоа е само можност“. А освен тоа, потребно е одредено искуство за да може да се класифицираат надворешните абнормалности или видливи промени, кои на лаиците, по правило, им недостигаат, посочува овој доктор кој има своја приватна ординација.
– Кога има чад што доаѓа од моторот на автомобилот и кога има звук на тропање, дури и лаик знае дека нешто не е во ред, но не знае точно што не е во ред – предупредува Имберт.
Тој вели дека кај многу болести постои цела низа можни симптоми, кои, сепак, одговараат на различни нарушувања. Така, на пример, „не секој тремор е знак на Паркинсонова болест“, вели Имберт.
Од друга страна, додава тој, вкочанет израз на лицето, задоцнета реакција или вртоглавица може многу добро да укажуваат на Паркинсонова болест.
Исти симптоми – различни болести
Дури и со мозочен удар, надворешните знаци може да бидат донекаде „камелеонски“: во зависност од должината на циркулаторното нарушување во мозокот и во зависност од погодената област, понекогаш може да се појават симптоми на парализа, понекогаш има емоционални нарушувања и кај во некои случаи има нарушувања на говорот, објаснува Имберт.
– Во принцип, исклучително е важно да внимавате на надворешните карактеристики и промените кај себе, партнерот и блиските луѓе. Самопрегледот може да биде важна превентивна мерка, нагласува Имберт, на пример со бенки или грутки кои се формираат под кожата.
Ракот на тироидната жлезда, да се вратиме на гласините за Путин, не е видлив однадвор, освен ако на вратот има дебели јазли во поодмината фаза, нагласува докторката.
И Имберт смета дека е „недозволиво“ да се извлекуваат заклучоци за некаква болест врз основа на видео снимки.
– Можеби е можно да се види дека нешто не е во ред, но се што оди подалеку од тоа е чиста шпекулација – нагласува Манфред Имберт.