Лажни се пријавите за поставени експлозивни направи во основни и во средни училишта во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР) откако завршија сите потребни проверки.
Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (09.02.2023) во 15.55 часот завршиле сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 13 основни и 6 средни училишта во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки.