Европската комисија, преку Координативниот центар на ЕУ за одговор при итни случаи, подготвува итна поддршка што ѝ е потребна на Украина за обновување и одржување на електрична енергија и греење за цивилното население, пренесува Интерфакс.
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Украина, станува збор за 200 средни трансформатори и голем автотрансформатор од Литванија, среден автотрансформатор од Латвија и 40 тешки генератори од резерватот rescEU, лоциран во Романија.
Секој од овие генератори може да обезбеди непречено напојување за малите и средни болници.
Европската комисија дополнително работи на нов енергетски центар за спас на ЕУ во Полска, за да ги олесни донациите од трети страни и да помогне во координирањето на испораките во Украина, особено со партнерите од Г7.
Според извештајот, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, по неодамнешниот разговор со претседателот Володимир Зеленски, ја изразила целосната солидарност на ЕУ со Украина.
Државната компанија за дистрибуција на електрична енергија Укренерго утринава соопшти дека дефицитот во енергетскиот систем на Украина е зголемен на 27 отсто, а вонредните исклучувања се во сила низ целата земја.
Зголемувањето на дефицитот е последица на вонредното исклучување на блокови во повеќе електрани, а истовремено е зголемена потрошувачката на електрична енергија поради влошувањето на временските услови.
Прекинот на струјата и падот на енергетскиот сектор се резултат на руските ракетни напади врз инфраструктурата на Украина кои започнаа на 10 октомври, како одмазда по уривањето на дел од мостот на Крим на 8 октомври.