ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-јуни 2024 доби само една понуда, и тоа од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 57 евра за мегаватчас, за покривање на 95% од вкупно планираните количини.
Оваа цена е за околу 7,5% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2023), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 53 евра за мегаватчас.
Дополнително, за покривање на останатите 5% од вкупно планираните количини, ЕВН Хоме доби најповолна понуда од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 120,01 евра за мегаватчас. Освен АД ЕСМ, на тендерот учествуваше и Соле24 ДООЕЛ.
За покривање на загубите на електрична енергија, Електродистрибуција доби најповолна понуда од АД ЕСМ, и тоа по цена од 105 евра за мегаватчас. Претходно оваа цена изнесуваше 100 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.