Европскиот совет соопшти дека Ерменија и Азербејџан постигнале договор за цивилна мисија на ЕУ долж границата меѓу двете земји, каде во најтешките борби од 2020 година минатиот месец загинаа повеќе од 200 луѓе.
Во соопштението се наведува дека следниот состанок на комисијата за гранични прашања ќе се одржи во Брисел до крајот на октомври.
Договорот е постигнат по вчерашната средба на претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, премиерот на Ерменија Никол Пашинјан, претседателот на Франција Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Прага, на маргините на првиот собир на Европската политичка заедница.
Европскиот совет наведува дека Ерменија и Азербејџан ја потврдија својата посветеност на Повелбата на ОН и Декларацијата од Алма Ата од 1991 година за взаемно признавање на територијалниот интегритет и суверенитет.
„Цивилната мисија на ЕУ ќе биде лансирана во октомври и ќе трае најмногу два месеци, а нејзината цел е да изгради доверба и да ги реши споровите на границата“, се додава во публикацијата.