Ќе побарам одговорност од виновниците за повеќе од 40.000 загинати во разорните земјотреси што ја погодија јужна Турција, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
– Наша должност е престапниците да ги изведеме на одговорност пред законот, рече Ердоган за време на посетата на јужната провинција Османија, пренесоа британските медиуми.
Во разурнувачките земјотреси на 6 февруари во Турција и Сирија загинаа повеќе од 47.000 лица, а издадени се повеќе од 100 налози за апсење во врска со изградбата на зградите што се урнаа во потресите, поради недостаток на безбедносни стандарди.
Турскиот потпретседател Фуат Октај изјави дека 131 лице досега е идентификувано во синџирот на одговорност за несовесно градење.