Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган навести дека можеби ќе го поддржи членството на Финска во НАТО алијансата, додека не ѝ одобри на Шведска.
„Доколку е потребно, можеме да испратиме поинаква порака во врска со Финска“, рече Ердоган во говорот во неделата вечерта, според турската новинска агенција Анадолу.
Турскиот претседател додаде дека „Шведска ќе биде шокирана ако испратиме поинакво соопштение во врска со Финска“, истовремено предупредувајќи го Хелсинки да не ги прави истите „грешки“ како Стокхолм.
По една деценија неутралност, двете нордиски земји поднесоа барање за влез во НАТО минатата година, по почетокот на руската инвазија на Украина.
За да станат дел од Алијансата, тие мора да добијат одобрение од сите членки, а Турција во моментов го одбива тоа, повикувајќи се на безбедносни причини. Оттогаш, дипломатските преговори се во тек за решавање на стравовите на Анкара.
Ердоган минатата недела рече дека Шведска не може да смета на поддршката на Анкара откако десничарски екстремист запали Куран во близина на турската амбасада во Стокхолм.
Турција, исто така, ги обвинува двете земји дека ја поддржуваат забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) и паравоената група на сириските Курди ЈПГ.
Членката на НАТО, Унгарија, исто така, сè уште не го одобри членството на Шведска и Финска.