Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и рече дека мировните напори во руско-украинската војна треба да бидат поддржани со едностран прекин на огнот и „визија за праведно решение“, соопшти денеска турскиот претседателски кабинет.
Ердоган и рускиот претседател постојано зборуваа откако руските сили ја нападнаа Украина во февруари. Турција се позиционираше како посредник со Обединетите нации за постигнување договор за извоз на жито од украинските пристаништа, пишува Ројтерс.
„Претседателот Ердоган рече дека повиците за мир и преговори треба да бидат поддржани со едностран прекин на огнот и визија за праведно решение“, се вели во текстот, додавајќи дека Ердоган го потсетил Путин на позитивните резултати од договорот за извоз на жито.
Украина е главен светски производител и извозник на жито, но производството и извозот се намалени откако Русија изврши инвазија и почна да ги блокира нејзините поморски пристаништа.
Двајцата лидери разговарале и за Сирија, при што Ердоган му рекол на Путин дека треба да се преземат конкретни чекори за да се натераат курдските милитанти да ги напуштат пограничните региони на Сирија, се вели во соопштението.
„Претседателот Ердоган истакна дека сега треба да се преземат конкретни чекори за отстранување на терористичката организација ПКК/ПЈД/ЈПГ од пограничните региони на Турција, особено Тел Рифат и Манбиџ“, се вели во соопштението.