Компанијата „Ер Србија“ објави дека во февруари годинава превезла 200.743 патници, што е зголемување за повеќе од 150 отсто во однос на истиот месец од претходната година.
Во февруари националната авиокомпанија извршила 2.410 летови, што е за 103,3 отсто повеќе во однос на истиот месец лани, а ова е и најдобар резултат на српската национална авиокомпанија во февруари откако работи под името Ер Србија.
Високиот менаџер за управување со приходи на „Ер Србија“, Маша Васовиќ изјави дека воведувањето на нови дестинации во мрежата во текот на пролетта дополнително ќе го зголеми интересот на патниците.
„Февруари е нешто пократок месец од останатите, а инаку се смета за најлош за воздушниот сообраќај во овој дел од светот. Тоа не не спречи во февруари првпат да превеземе повеќе од 200.000 патници од Белград, Ниш и Краљево. Февруари е осми последователен рекорден месец по бројот на превезени патници. „Историски резултати бележиме од јули 2022 година, а судејќи според февруари, трендот на раст продолжува“, рече Васовиќ.
Најпопуларни дестинации во февруари биле Цирих, Париз, Атина, Виена и Берлин, а кога станува збор за регионот, најпопуларни се Подгорица и Тиват.
Како што соопшти компанијата, се уште постои голем интерес за летови за Истанбул, како и за прекуокеанските дестинации Њујорк, Тијанџин и Чикаго, до кои Ер Србија повторно ќе има лет на 17 мај, по повеќе од три децении пауза.