Можете ли да откриете дали животните се среќни или вознемирени само со слушање на нивните вокализации? Ако можете, тоа може да биде знак дека имате високо ниво на емпатија – или дека поминувате многу време со животни.Студијата, спроведена од етологот Елоди Брифер од Универзитетот во Копенхаген, открива дека луѓето со повисоко ниво на емпатија можат полесно да ги препознаат емоциите на животните преку нивните вокализации.
Студијата следи по слично истражување објавено од Брифер претходно оваа година, кое ги потврди шпекулациите дека животните слушаат и реагираат на емоциите во човечкиот глас, пишува Science Alert.
Брифер и нејзиниот тим собраа гласовни снимки на домашни животни (свињи, коњи, говеда и кози) како и диви животни (диви свињи и диви коњи). Некои од нив беа поврзани со позитивни искуства како што се чекање храна или средба со „пријатели“.
Други звуци создавале животните кога биле исплашени, изолирани или под стрес.
Со мерење на пулсот на домашните животни и движењето на дивите животни се следело колку биле силни емоциите во моментот кога испуштале звуци.
Во миксот беа вклучени и човечки гласови. Истражувачите измислиле некои бесмислени зборови и вработиле актери за да ги кажат во позитивни и негативни тонови.
Два звуци произведени од исто животно (или човечки глас) – едниот со ниско ниво на емоции, а другиот со високо ниво – беа пуштени на учесниците во студијата. Учествуваа 1.024 учесници од 48 земји.
Од учесниците беше побарано и да пополнат прашалник за емпатија, врз основа на Индексот на интерперсонална реактивност. Овој индекс мери четири особини на емпатијата: способност да се разберат туѓите перспективи, да се сочувствува со другите, да се вознемирува кога другите се во неволја и да се замисли себеси во измислени ситуации.
Општо земено, луѓето правилно ги толкувале емоциите зад гласовите на животните повеќе од 50 проценти од времето, што е многу подобро од случаен избор.
Луѓето се покажаа подобро во одредувањето на нивото на емоции од типот на емоции што ги прикажуваат животните. Ова би можело да биде затоа што нивото на емоции е одговор на стрес што цицачите го задржале преку еволуцијата и генерално се манифестира со звуци со висока фреквенција, вели Брифер.
Полот и нивото на образование не влијаеле на способноста, туку возраста – учесниците на возраст од 20 до 29 години постигнале најдобри резултати, а способноста за препознавање опаѓала со возраста.
Луѓето полесно ги препознаваат емоциите во звуците направени од други луѓе и домашни животни во споредба со дивите животни, а оние кои биле опкружени со животни многу подобро ги разбираат, што укажува на тоа дека комуникацијата меѓу видовите може да се подобри со поголема изложеност и вежбање.
Оние кои покажале повисоки нивоа на емпатија на прашалникот имале подобро разбирање за значењето на гласовите на животните.
Ова откритие поддржува друга студија која покажа дека луѓето кои имаат повисоки нивоа на емпатија кон мачките се подобро способни да препознаат дали нивното мјаукање е поврзано со позитивно искуство (на пример четкање) или негативно искуство (на пример изолација).
Можно е луѓето да го подобрат своето разбирање за емоционалните искуства на животните со практиката, вели Брифер.
„Кога учениците се обидуваат да го решат овој тест на час, во просек тие одговараат точно на 50 проценти од прашањата при првиот обид“, додава тој. „Откако зборуваме за звуците и за она што го знаеме за вокализациите на животните, нивните резултати се подобруваат и тие обично правилно идентификуваат повеќе од 70 проценти од звуците при вториот обид“.
Истражувањата покажуваат дека сите цицачи имаат заеднички емотивен систем.