„Ти за мене направи нешто што не го направил никој никогаш“, со овие зборови загрепчанката Снежана Фајфер му се заблагодари на момчето што ја спаси во моментот додека беснееше апокалиптичното невреме во Загреб. Снежана неколку дена по олујата, го нашла својот спасител Иван Метикош преку Фејсбук за да му се заблагодари што и го спасил животот на нивната повторна емотивна средба.
Оваа недела низ цела Хрватска и во регионот стана вирална приказната за тоа како случаен минувач застанува и спасува жена, која се држи за патоказ во моментот кога беснее страшно невреме во Загреб. Снежана Фајфер не можела да стигне до својот дом пред да започне невремето, се фатила за сообраќаен знак и со последни сили се обидувала да задржи под налетите на силниот ветар. Метикош и неговата девојка со автомобил се обидувале да се пробијат низ невремето, тогаш ја забележале жената како се држи за сообраќајниот знак, се вратил и застанал да и помогне.
Неколку дена по настанот, Сњежана преку Фејсбук стапила во контакт со девојката на Иван Метикош, а потоа тие повторно се сретнале.
-Немам зборови! Ти направи нешто за мене што никој никогаш не го направил! Навистина! – му се заблагодарила жената на својот спасител за Дневник.хр
Со голема благодарност за тоа што го направил за неа, Снежана вели дека Иван е вистински херој.
-Не би рекол дека сум херој. Тоа е прилично силен збор. Мило ми е што можев да помогнам, најважно е госпоѓата да е добро. Поминувавме и буквално додека се возевме по патот две дрвја и една бандера се срушија пред нас. Воопшто не можевме да ги избегнеме, дури ни зад нас затоа што падна уште едно дрво и единствената опција беше да се повлечеме некаде поблиску до зградата за да не падне дрвото врз нас. Така ја видовме госпоѓата како стои веднаш до бандерата, а ние веднаш ѝ помогнавме – рече Иван Метикош, раскажувајќи за стравичниот момент кога силната олуја го зафати Загреб.