Музичкиот трилер „Емилија Перез“ и историскиот еп „Бруталистот“ ја предводат листата на филмови номинирани за Златните глобуси 2025 година, награда која е и главен показател за тоа што ќе се случи на Оскарите, пренесува Хина.
„Емилија Перез“, за која правата за дистрибуција ги презеде Нетфликс, доби 10 номинации, а „Бруталист“ од независниот дистрибутер А24, седум.
Освојувањето на Глобус може да им помогне на филмовите во трката за Оскар во март.
Минатогодишните штрајкови во Холивуд го нарушија овогодинешниот распоред на прикажување, а експертите за награди велат дека нема јасен кандидат за најдобар филм на доделувањето на Оскарите.
Добитниците на Златен флобус ќе ги изберат 334 новинари од 85 земји, а ќе бидат објавени на 5 јануари на церемонија што ќе се емитува во живо на Си-би-ес и преку стриминг на Парамаунт+.
Во филмот „Емилија Перез“, Зои Салдана глуми адвокатка која му помага на водачот на нарко картелот (шпанската актерка Карла Софија Гаскон) да ја лажира својата смрт и трансформацијата од машко во женско. Селена Гомез ја игра сопругата на водачот на картелот.
„Бруталистот“ со Адриен Броди во главната улога е епска приказна за унгарски имигрант кој бега од ужасите на Втората светска војна за да го обнови својот живот во САД.
Во категоријата за најдобра драма заедно со филмот „Бруталист“ е приказната за изборот на папата „Конклава“, која доби шест номинации, биографскиот филм за Боб Дилан „Целосно непознато“, научно-фантастичниот еп „Дина: Втор дел“, историската драма „Момци од никел“ и „5 септември“, приказната за спортските новинари кои ја следеа заложничката криза на Олимписките игри.
„Wicked“, адаптација на долговечната претстава на Бродвеј за вештерките во „Волшебникот од Оз“, доби четири номинации, додека романтичната комедија „Анора“ и „Супстанција“ добија по пет.