Британската кралица Елизабета Втора нема да може да отпатува од Шкотска, каде што моментално се наоѓа, во Лондон за да ги прими британскиот премиер Борис Џонсон и неговиот наследник во Бакингемската палата следниот вторник, потврдија денеска претставниците на кралицата.
Наместо тоа, според нив, Џонсон и неговиот наследник ќе ја посетат кралицата во замокот Балморал во Шкотска, каде таа е на летен одмор.
Ова ќе ја направи церемонијата закажана за 6 септември првпат кога британски премиер е назначен надвор од Бакингемската палата за време на 70-годишното владеење на кралицата Елизабета.
Причината за овој преседан е, судејќи според зборовите на функционерот цитиран од британските медиуми, да избегне „секакви алтернативи во последен момент во случај кралицата да има проблеми со движењето тој ден“.
Потсетуваме дека во претходните месеци кралицата имаше проблеми со подвижноста, поради што го откажа присуството на неколку важни настани.
Наследникот на Борис Џонсон како премиер ќе биде објавен на 5 септември.
Гласањето завршува во петок оваа недела, а резултатите ќе бидат објавени во понеделник. Во трката се актуелната министерка за надворешни работи Лиз Трас и министерот за финансии Риши Сунак, а Трас се смета за фаворит.