Екстремните температури во Мароко стануваат се позагрозувачки за здравјето на луѓето. Најмалку 20 лица починаа поради високите температури во град во Мароко, соопштија денеска здравствените власти на северноафриканската земја.
Смртните случаи биле регистрирани вчера во градот Бени Мелал, на околу 300 километри јужно од главниот град Рабат, јави државната новинска агенција на кралството МАП, цитирајќи ги локалните здравствени власти.
Починатите биле претежно стари лица со хронични заболувања чии здравствени состојби биле влошени од екстремните температури, соопшти агенцијата.
Мароко оваа недела го зафати топлотен бран со температури до 48 степени Целзиусови во некои делови од земјата, соопштија метеоролозите.